5642

Монашко поклонение во Светата Земја (петти дел)

Од Витлеем до Елеон – V дел

 

Витлеем, мало гратче со големо име. Од тука потекнува големиот пророк и цар Давид, и тука, според старозаветните пророштва, требало да се роди Месијата Христос. И навистина, не случајно го носи името Витлеем, што значи „Градот на лебот“, оти тука ни се роди Христос – Лебот на животот. И денес овој познат град го краси преубавиот храм на Рождеството Христово, изграден околу 339 година со голема љубов од благоверните и свети Константин и Елена, единственото нивно завештание кое ги преживеа персиските уништувања. Денешниот изглед на храмот, сепак, е дело на големиот византиски Император Јустинијан I, кој во 565 година автентично го возобновил Константиновиот храм, што бил запален од страна на Самарјаните во 529 година. И самиот влез во храмот го сведочи Христовото смирение – оваа малечка и ниска врата е наречена „Врата на понизноста“. Внатрешноста на храмот, пак, крие големи и многу вредни уметнички богатства. Тука се златните мозаици кои беа откриени пред извесно време, и кои некои експерти ги сметаат за илјада години стари. Сепак, многу поголема вредност имаат сочуваните мозаици во подот, за кои со сигурност се знае дека се остатоци од  некогашната Константинова базилика, бидејќи се прекрасен пример на раскошната Византиска орнаментика. Меѓу сите тие ретки стари икони и мозаици, особено буди восхит насмеаниот лик на Мајката Божја, наречена „Витлеемска икона на Пресвета Богородица“. Стоевме со молитвена почит пред овој топол и нежен лик; како да стоевме пред самата Богомајка, која овде, во една скромна пештера, Го роди Почетокот на нашето Спасение. Денес на тоа место стои насекаде познатата Витлеемска ѕвезда, составена од 14 сребрени краци и вдлабена во мермерниот под, која го означува точното место на раѓањето Христово. Самата светиња е дел од еден мал пештерен храм што се наоѓа под олтарот на главниот храм. Беше прекрасно чувство да се допреш до местото, каде што пред повеќе од две илјади години смирената Дева Марија Го роди Младенецот Христос, Го пови и положи во јасли.

 

(Забелешка: За дополнителни објаснувања околу фотографиите низ галеријата, вклучете го копчето за информации како што е прикажано на сликата )

 

 

Овој благодатен почеток на денот ни ги обнови силите за богатата програма што нè очекуваше. Некаде на 8 километри од Витлеем пред нашите зачудени погледи се појави манастирот посветен на Св. Теодосиј Велики, еден од втемелувачите на општежителното монаштво. Како некоја невидлива рака наеднаш да нѐ пренесе во првите векови на славните подвижници. Ова древно светилиште било изградено од самиот Св. Теодосиј во 476 година, па и ден-денес тука се наоѓа неговиот гроб. Покрај тоа, во рамките на манастирот е и пештерата каде, според Преданието, тројцата мудреци, откако се поклониле на Богомладенецот, застанале да одморат, кога им се јавил ангел Божји, предупредувајќи ги да не се враќаат во Ерусалим. Ова светилиште ги чува во себе и светите мошти на мајките од овие големи подвижници: Св. Евлогија – мајката на Св. Теодосиј Велики, Св. Софија – мајката на Св. Сава Освештен и Св. Теодотија – мајката на Св. бесребреници Козма и Дамјан, Св. Марија – мајка на Светите Јован и Аркадиј и сопруга на Св. Ксенофонт, кои биле погребани тука. Бевме изненадени од сочуваниот древен лик на светилиштето, што просто ни го оживеа тоа славно време, запечатено во примерите и сведоштвата на големите пустински старци.

 

Тој силен монашки дух на вековна молитва што нашите срца го почувствуваа, го понесовме со себе и во следното светилиште – манастирот на Пастирите, односно местото каде одморале пастирите, кога ангел им се јавил за да ги извести за раѓањето на Богомладенецот. Подземниот храм бил изграден од царица Елена во 325 година и е сочуван автентичен, без никаква друга обнова низ вековите. Оваа пештера отпрвин била засолниште за пастирите, подоцна нивен гроб, а денес едно големо сведоштво за верата во раниот византиски период, бидејќи е најстара христијанска градба во Светата Земја. За жал тоа не може да се каже и за импозантната базилика што била подигната од светите Константин и Елена над самата пештера. И тој како и повеќето останати светињи бил целосно разорен од персиските освојувачи и сега тука се наоѓа новиот храм, при што во непосредна околина сè уште стојат урнатините  на некогашната прекрасна базилика.

 

Нашата прошетка низ вековите и настаните од Христовиот живот нè донесоа и до реката Јордан, каде Господ, во крајно смирение, ја наведнал Својата глава и бил крстен од раката на Св. Јован Крстител во Јорданските води. Тука се собираат поклоници од целиот христијански свет, за подобно на Христа да се потопат во овие води, молејќи Го Него, Милостивиот, да ги очисти нивните срца и утврди за нов духовен почеток. Следејќи ја оваа традиција, се удостоивме за тој благослов и самите да се допреме до тие води и да ја почувствуваме благодатта и радоста што ги осени нашите срца.

Нешто подалеку од местото на Христовото крштение, духовно го сретнавме и големиот подвижник Св. Герасим Јордански, посетувајќи го светилиштето каде што тој се подвизувал. Оваа светиња е изградена над местото каде што на кратко се одмориле Пресветата Богородица и Младенецот со Праведниот Јосиф, на својот пат за Египет. Сега таа пештера е своевидна крипта во подземјето на храмот, во којашто остава впечаток прекрасната фреска на Пресвета Богородица „Млекопитателница“. Во горниот дел на храмот, покрај другите светињи се чуваат и моштите на монасите кои пострадале од Персијците во VII век. Низ вековите, ова светилиште функционирало како главен храм за пустиниците што се подвизувале во околните пештери, па и денес дише со истиот тој дух.

 

Од овој молитвен пустински амбиент се упативме повторно кон Ерусалим, кон возвишената Елеонска гора, која е покриена со многу светињи. Овде, меѓу другото се случила и онаа топла средба меѓу Св. Елисавета и Мајката Божја, и денес на тоа место се наоѓа рускиот „Горненски манастир“, којшто своето постоење му го должи најмногу на ревносниот руски Архимандрит Антонин Капустин, којшто бил раководител на руската црковна мисија во Ерусалим. Овој навистина прекрасен женски манастир, во кој се подвизуваат некаде околу 40 – тина монахињи, восхитува со велелепниот храм и чудесниот живопис, со раскошниот иконостас и бројните мошти на Светии и ретки реликвии од Светата Земја, меѓу кои дел од каменот на кој Св. Јован Крстител ја кажал својата прва проповед.

 

Следното светилиште што го посетивме беше поврзано со една многу интересна историја, која ни ја покажа несфатливата длабочина на Божјата промисла. Крстната гора – местото каде растело дрвото што подоцна послужило за од него да се направи Христовиот Крст. Се восхитивме од расказот за праведниот Лот, кој откако поради својот праведен живот бил поштеден од страшната судбина на жителите Содомски и Гоморски, се населил овде заедно со своите две ќерки. Во еден миг согрешил многу и понесен од длабоко покајание му се доверил на Авраама, барајќи начин да се откупи за тешкиот грев. Авраам му ги дал трите гранчиња што ги имал добиено од ангелите при нивната посета и му рекол да ги посади и вади со вода од реката Јордан. Од нив никнало едно единствено стебло со три различни гранки: кедар, кипарис и бор. Лот грижливо и многу пожртвувано го негувал тоа дрво, вадејќи го со јорданските води. Најпосле кога дрвото пораснало, му се јавил ангел и му објавил дека гревот му е простен. Тоа дрво било пресечено и употребено при градењето на Соломоновиот храм а подоцна било фрлено и долго време стоело во бањата Витезда. Најпосле од него бил направен Чесниот Крст. Во овој некогаш грузиски, а сега грчки манастир, кој веројатно бил изграден од светите Константин и Елена во V век и по уништувањето од Персијците возобновен од грузискиот монах Прохор во XI век, и денес стои место каде растело дрвото, обележано со сребрена кружна плоча. Бевме трогнати од судбината на преубавите древни фрески, кои овде биле безмилосно уништувани низ годините, така што денес од нив се сочувани само неколку.

 

Го продолживме својот пат, следејќи ги стапките Христови до последната светиња, поврзана со Неговото пребивање меѓу учениците после Воскресението – местото на Неговото вознесение на врвот од Елеонската гора. Самото место е обележано со и ден денес сочуваниот отпечаток од Христовото стапало во карпата, но за жал тоа е приватна сопственост на исламската заедница и пристапот до него е многу отежнат. Она што ние го видовме е рускиот манастир „Стапалка“ изграден непосредно до тоа место, каде се наоѓа каменот на кој стоела Пречистата Владичица наша Богородица, Кога Господ се вознел на небесата. Тука, сосема неочекувано, бевме благословени да видиме уште една за нас голема светиња – мала кружна вдлабнатина во подот каде што некогаш од благочестивата сопруга на Хуза, Св. Јоана Мироносица, била погребана главата на светиот Пророк и Крстител Јован. Со голема почит и љубов кон Бигорскиот патрон, го целивавме тоа свето место, упатувајќи ги кон него своите благодарствени молитви што ни го јави своето присуство преку оваа драгоцена светиња.

 

Со преполнети и облагодатени души го напуштивме Ерусалим и се упативме кон аеродромот во Тел Авив. Остануваше уште само едно место што нашите срца гореа да го видат – црквата посветена на Св. Георгиј Победоносец во Лида, каде и денес стои мермерниот ковчег во кој некогаш било погребано неговото свето тело. И покрај изразениот сомнеж на нашиот водич дека црквата сигурно ќе е затворена оти беше веќе доцна, Светиот Великомаченик како да нè очекуваше со отворени прегратки: бескрајно нè стопли глетката на осветлениот, ширум отворен храм, полн со срдечни, пријателски насмеани лица. А кога слеговме низ стрмните скали во криптата во храмот, тука нашиот голем закрилник и застапник пред Бога нè поздрави со обилно мироточење, кое непрестајно се излеваше од неговиот мермерен ковчег и го исполнуваше тесниот простор на криптата со неописливо благоухание. Како самиот тој да нѐ гушна и преисполни со умиление. Не можевме да се одделиме од оваа светиња која благоухано го сведочеше неговото живо присуство.

Таа умилна радост и силно духовно доживување што ги допреа и најскриените катчиња на нашето внатрешно битие, и што и денес ги чуваме во себе како најголема скапоценост, оти ни се голем дар од Оној Кој еднаш чекорел по таа света земја што и ние ја врвевме, сега ви ја предаваме и вам, смирено надевајќи се дека уште повеќе ќе се распламти огнот на божествената љубов во вас и дека Добриот Бог и вам ќе ви го даде овој бесценет дар.

Голема благодарност до Ефтимиј и нашиот водич од Петроград Екатерина, за вложениот труд во организацијата на целото ова прекрасно патување, Господ нека е со нив во сите нивни понатамошни вакви ангажмани.

 

Христос Воскресе!