Бигорското секојдневие низ монашката песна „Среде пустинската убост“

Во прилог на подготовката на видео запис за монашката песна „Среде пустинската убост“, стручни тимови составени од директори на фотографија, продуцент, монтажер и режисер, веќе извесен период наназад присуствуваа во Бигорското светилиште, трудејќи се вешто да го уловат и стават на камера секојдневниот монашки живот во Обителта. Станува збор за песна која е своевиден приказ на монашкото секојдневие, составена од светогорски монах, што Бигорското братство успеа да ја преведе и препее, создавајќи композиција која што плени со прекрасните стихови што ја искажуваат длабочината на монашкиот живот, и со топлата архаична мелодија успешно го пренесува мистичниот амбиент во кој живее и се движи монахот. Аранжманот за оваа песна го направи Владимир Димовски, а се снимаше во студио „Алшар“, кај Ивица Јанкуловски, во изведба на:

виолина I – Владимир Цветковски,
виолина II – Петар Тасески,
виола – Владимир Димовски,
виолончело – Кирил Јосифов,
контрабас – Митко Иванов,
лира, кларинет – Петар Христо,
канон – Тимко Чичаковски,
харфа – Весна Микиќ.

За видео записот да изгледа вака, се погрижија:

Режија и монтажа: Горан Костадинов

Камера: Кристијан Теодоров, Александар Ивановски

Дрон: Дарко Данилов

Постпродукција: Огнен Шапковски

Неизмерно им сме благодарни на овој професионален тим, кој што се погрижи, не нарушувајќи го ритамот на монашкиот живот, на најверен начин да им го приближи на гледачите она што секојдневно се случува во манастирот.