Благочестивите браќа Шурдоски ѝ вратија на Црквата голема светиња

О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!

 

(Рим. 11,33)

Премудриот Бог, Кој однапред го знае исходот на секое дело, и од Чии очи не може да сокрие ни најмалото нешто, преку еден чудесен настан уште еднаш ни ја покажа Својата Промисла и грижата за Своите светињи. Имено, вчера во нашиот Манастир допатуваа благочестивите браќа Жарко и Златко Шурдоски, по потекло од с. Ложани, Струшко, кои побараа средба со нашиот старец, Архимандрит Партениј, со цел да му предадат некои работи. На средбата тие му соопштија на старецот дека имаат нешто што ѝ припаѓа на Црквата. Всушност, овие побожни браќа му го предадоа на отец Партениј сребреното ковчеже со мошти од Света Параскева, како и три сребрени престолни крста, коишто биле украдени од Манастирот на Пресвета Богородица – Пречиста, Кичево, на 11 декември 2014 година. Светињите дошле до рацете на браќата според Божја промисла. Впрочем, крадецот, кој бил фатен од полицијата уште следниот ден, бегајќи од рацете на законот и сакајќи да ги отстрани доказите за сторената кражба, го фрлил ранецот со светињите в река. Од реката ги извадил некој човек, кој ловејќи риби, го здогледал ранецот. Кога сфатил дека станува збор за големи светињи, тој се погрижил да ги спаси и сочува во својот дом. Но, повторно по Божја промисла, неодамна овој човек им ги предал работите на двајцата браќа, кои, од своја страна, финансиски го потпомогнале неговото сиромашно семејство. Веднаш штом ковчежето и крстовите се нашле во рацете на Шурдовци, тие побрзале да му ги предадат на нашиот старец и игумен, познавајќи ја неговата грижа за христијанските светињи. Дополнителен мотив на браќата за ова благородно дело било и тоа што пред неколку години, Жарко, којшто живее и работи во САД, имал страшна сообраќајна незгода, но по чудо на Света Параскева, чијашто икона ја носел со себе, поминал без никаква повреда. Од благодарност кон Светителката, сега тој ги враќа нејзините мошти на Црквата, за поклонение на верните и поука на неверните.

Дародавецот Бог нека ги награди браќата Шурдоски за ова богољубиво дело со небесна награда!

Ковчежето со моштите и крстовите ќе бидат вратени во Обителта на Богомајката – Пречиста, а понатаму, со Божја помош, и реставрирани.

 Слава Му на Господа за сѐ!