Хиротонија на епископот Велички, г. Јосиф

Низ целата многувековна историја на едната наша света и соборна апостолска Црква, епископот ја носел светата должност да биде пастир на овците Христови, како што нашиот Господ Исус Христос му оставил во завет на апостол Петар, велејќи му: „Паси ги јаганцата мои!“ А за да може достојно да го исполнува ова свето послушание кон Христа и Неговата света Црква, тој треба да биде образец за божествената љубов, послушанието и смирението. Токму затоа Црквата одредила вистински расадник за нашите духовни пастири да бидат монашките обители, каде идниот епископ учи да го љуби ближниот дури и повеќе од себеси, имајќи Го во срцето Бога над сè. Во духот на ова свето предание, Бигорската монашка обител, која родила голем број монаси-преродбеници, духовни учители, меѓу кои и преподобните отци наши Анатолиј и Партениј Зографски и со тоа го дала својот бесценет удел во духовното и културно будење на нашиот славјански народ, сега одново му ја принесува на Македонската Црква својата рожба, предавајќи го на света епископска должност во служба на народот. Духовно роден низ молитвите и солзите на својот старец, архимандрит Партениј, и воспитан во светоотечкото предание, низ секојдневните подвизи и духовни борби во монашкиот живот на Бигорската света обител, нашиот отец и собрат Јосиф денес го прими на себе достоинството на епископскиот чин, заветувајќи се дека до самозаборав ќе се грижи за духовното преуспевање на своето стадо. Смирено стоејќи пред огромното мнозинство верници во преполнетата „Света Софија“ Охридска, тој нè потсети уште еднаш на големото значение што овој храм отсекогаш го имал за славната Охридска Архиепископија и со голема љубов упати благодарност до преблагиот Господ, Неговата пречиста Мајка, славниот Претеча и, секако, до својот духовен татко, како и братството и сестринството, некогашниот негов надлежен архијереј, митрополитот Тимотеј, Неговото Блаженство, г. г. Стефан и останатите архијереи на САС на МПЦ-ОА, за големото достоинство со коешто беше овенчан.

Од името на Вашите браќа од Бигорски и сестрите од Раичкиот манастир Ви посакуваме на многаја лета, владико, и секогаш да останете достоен.

Обраќање на Неговото Блаженство, г. г. Стефан, до новоустоличениот епископ

Пристапна беседа на Неговото Преосвештенство, епископот Велички, г. Јосиф