Петмина млади луѓе од нашата земја на летен камп во Бугарија

Од 25-29 август, во село Арбанаси, близу Велико Трново, Р. Бугарија, по втор пат, а од страна на фондацијата „Ѓаконија и мисија“ беше одржан Меѓународен младински камп, каде на учесниците од Молдавија и Бугарија, им се придружија и петмина амбициозни и прекрасни млади личности од нашата земја на возраст од 18-20 години. Целта на летниот камп е запознавање и развивање пријателства меѓу младите луѓе, како и споделувањето на искуства и знаење во областа на православието, добротворната дејност и социјалното служење во Црквата.

Во текот на пет дена, учесниците се запознаа со манастирите, историјата и христијанското наследство во Арбанаси и околината, но присуствуваа и на интерактивни дискусии и дејности кои ги вклучија во благотворната иницијатива „Од срце – за подадени раце“, на фондацијата „Ѓаконија и мисија“. Во програмата беа вклучени и средби со професори од Православниот богословски факултет на Трновскиот Универзитет „Свв. Кирил и Методиј“, посветени на теми поврзани со Црквата и младите. Во рамките на кампот, учесниците имаа можност да го посетат Соколскиот манастир „Успение Богородично“ и Археолошкиот комплекс „Етра“, кај Габрово.

Нашите млади претставници пристигнаа на кампот со благослов и поддршка од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, а оваа прекрасна соработка се оствари благодарение на иницијативата на Раководителката на кампот д-р Стефка Канчева, професор на Богословскиот факултет и директор на споменатата Фондација.

На крајот од ова петдневно дружење, нашите учесници низ една прекрасна презентација ја претставија својата Татковина и искрено ги допреа срцата на сите присутни, особено на раководителите на кампот кои ја изразија својата благодарност кон нашиот Старец, што од сѐ срце ја прифати оваа соработка, за која се надеваме дека ќе продолжи и во иднина. Во продолжение ви ја пренесуваме нивната презентација:

„Најпрвин ќе мора да ви признаеме дека ние навистина не размислувавме многу за дадената задача, односно, точно знаевме како да ја претставиме земјата од која што доаѓаме, Р. Северна Македонија. Се одлучивме, меѓу другото, да зборуваме и за нашиот духовен татко, архимандрит Партениј.

Имено, доаѓаме од земја во којашто светите рамноапостолни Браќа Кирил и Методиј, среде паганските словенски народи го посеале семето на христијанската вера. Земја, во која малку подоцна, нивните ученици, светите Климент и Наум, испратени од благоверниот бугарски кнез Борис-Михаил, ја зацврстиле таа вера и отворајќи го во Охрид првиот словенски универзитет, го просветиле нашиот народ. Нашите прататковци биле навистина воспитани во верата, непоколебливи и храбри кога станувало збор за одбраната на Вистината. Затоа ние, нивните потомци, ја носиме таа голема одговорност, имено, да ја чуваме верата на нашите свети предци, кои не попуштиле пред ниедна непријателска наезда низ сите векови.

Денес, пак, ние радосно го живееме Воскресението. Но, би сакале да се навратиме малку наназад, пред 1995-то лето Господово. Повеќе децении пред оваа за нас значајна година, во нашата земја длабоки корени беше пуштила комунистичката пропаганда, според која верата во Бога беше дефинирана како „опиум за народот“, а посетата и односот кон древните храмови, во најдобар случај беше допуштен, но само како кон остатоци од историското минато кое требаше да се заборави. 1995-та година… Желба ни е да проговориме за нешто што од тој момент почна да заживува на нашите простори: воскресението на верата, на богослужбите, на литургискиот начин на живот преку монашките подвизи на нашиот духовник, отец Партениј, кој токму тогаш ги отвори вратите на Бигорскиот манастир, го отвори своето татковско срце за да го прегрне целиот наш народ. Од тогаш па наваму, тој, исто како и неговите предци, неуморно и со најголема љубов и пожртвуваност се бори за зацврстување на верата меѓу луѓето кои живеат во нашата земја. Се бори за доброто на сите граѓани на нашата Татковина, и на духовен и на општествен план, преку социјалната и едукативна мисија спроведувана од неговото монашко братство, но не помалку труд вложува и за победа на братољубието помеѓу православните братски народи на Балканот. Самите сме биле сведоци на мисијата за рехабилитација и духовна помош кон оние млади луѓе кои паднале во ропството на пороците, за несебичната помош кон сиромашните, за стремежот за воведување на религиозното образование во нашиот школски систем како редовен предмет и многу други дела кои и самите ќе ги забележите при првата ваша посета на Бигорскиот манастир. А штом седнете да поразговарате со отец Партениј, ќе ја забележите радоста и љубовта со која го пресретнува секој посетител.

А бидејќи, пак, манастирот се наоѓа во славниот Мијачки регион, каде сега во најголем процент живее неправославно население, отец Партениј, кој, меѓу другото, негува вистински и не лажен пример за соживот, се труди да го заживее овој древен крај од каде потекнуваат најславните имиња од времето на Преродбата: Партениј Зографски, Арсениј Бигорски, Анатолиј Зографски, Ѓорѓија Пулевски и уште многу други.

Заради сето ова, тој беше избран за првиот почесен „Граѓанин на Европа“, од Р. С. Македонија, а предложен од страна на бугарските европратеници. Гледате, Европа, израсната и зацврстена на христијанските темели, го препозна неговото огромно дело и несебичниот труд.

Би зборувале уште многу за него и за неговите дела, но времето е кратко. Па затоа би ја завршиле нашата скромна презентација со пораката која ви ја испраќа земјата од која доаѓаме, а каде денес, според Јулијанскиот календар, се слави Успението на Пресвета Богородица. Сакаме да ви го пренесеме она на кое, уште од времето кога бевме мали, нѐ научи нашиот духовен татко, архимандрит Партениј, а тоа е: многу да ѝ се молиме на Мајката Божја, заштитничката на родот човечки, силно да ја сакаме и торжествено да ја прославуваме, та гледајќи во нејзиниот светол мајчински лик, да го градиме и нашиот. Да бидеме луѓе, посветени не само на градење кариера и растење на професионален и интелектуален план, туку пред сѐ, добри Христијани кои ќе се изградат себеси како достоинствени личности што ќе воспитуваат добри деца. Нашиот духовен татко постојано бдее над нашиот духовен раст, но не помалку бдее и Го моли Бога за секоја човечка душа од нашата земја, од сиот свет“.

Им должиме посебна благодарност на агенциите „Транскоп“ и „Матпу“, кои го дадоа својот придонес преку обезбедување спонзорство за превозот на нашите учесници на овој летен камп.