Благонадежна и утешителна изјава од Константинопол

Извор:
  Για ελληνικά πατήστε εδώ 

Среде темните облаци на неразумни и полни со омраза изблици на анахрон и, се разбира, антихристијански нац(ионал)изам, што во последно време повторно надвиснаа над Балканот, а за голема жалост помрачија и одредени црковни кругови, вчера од светиот патријаршиски престол на Великата Христова Црква во Константинопол засветија вистински зраци на божествено просветление, во светлината на Христовата штедрост, разбирање и љубов.

Имено, веќе докажаниот во православното мудрољубие и богопросветлен патријарх, Неговата Сесветост, г. Вартоломеј, Првосветителот на Великата Црква-Мајка на сите помесни православни цркви на Балканот, а и на многу други ширум православната екумена, вклучително и на денес најбројната – Руската, се огласи, во нему својствен стил на широкоградост и мудрост, со кратко по должина, но големо со евангелски дух послание, во кое повикува на „трезвеност и самовоздржание“ во однос на решавањето на проблемот со името на Република Македонија.

За нас, како православни Христијани, кои неотстапно сме дел и верни чеда на Светата православна Црква, зборовите на Неговото Светејшество вдахнаа нова утеха и надеж дека во овој, несфатлив за еден посветен Христијанин, националистички смут, некој, сепак, свето го почитува Христовото Евангелие и се труди да дејствува во негов братољубив дух. Му благодариме на Бога што тој „некој“ не е кој-годе човек, а имено Вселенскиот патријарх Вартоломеј, којшто, навистина, се покажува достоен последовател на неговите славни и свети претходници на Светиандреевиот престол, од типот на свети Фотиј Велики, покровителот на нашите просветители, словенските рамноапостоли Кирил и Методиј. Од благодарност и кон Неговото Светејшество, ја пренесуваме во целост архипастирската му изјава:

Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, ја даде следнава изјава: Вселенската Патријаршија, како Мајка Црква на сите Православни цркви на Балканот, по повод разговорите на тема именувањето на БЈРМ, ги повикува сите заинтересирани на трезвеност и самовоздржание, за ова критично и чувствително прашање да биде пресретнато мирно и со разум.
Фанар, 2 февруари 2018