957

Се радува соборот Бигорски…

Девствено торжество е денес, браќа! Да игра Бигорски, да ликува Црквата! Зашто нè повика Света Богородица на годишниот празник на необичната песна Своја, откако Архангелот Гавриил странообразно нè научи на почетокот на Божествената песна Нејзина. Оти, така му се јави на инокот во подобен образ, Богородица да Ја возвеличи, бидејќи Оној Кој на Херувимите почива Таа со тело Го носеше. По Нејзините молитви, Христе Боже, спаси ги душите наши.

Прекрасно и возвишено е кога луѓето, собрани во единомислие и љубов, се молат и Го славословат Бога, Неговата Пречиста Мајка и Светиите. Но, уште повозвишено и најкрасно е кога тие заедно со ангелите го прават тоа. А денешното наше торжество токму за тоа и си споменува: за заедничката, човечка и ангелска, прослава на Мајката на човекољубивиот Бог, на Мајката на светот. Некогаш човештвото, преку Божествениот Козма Песнописец, Ја восхвали Пресвета Богородица како „почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите“. Денес, пак, „тајникот на неизречивите небесни тајни“, Архангелот Гавриил ја надополни таа восхвала со зборовите: „Достојно е, навистина, да Те ублажуваме, Богородице, присноблажена и пренепорочна и Мајка на нашиот Бог“. И ете, таа човечко-ангелска творба останува низ вековите најубаво и најсакано песнословие за Онаа, Која е радост на ангелите и слава на луѓето.

Празникот на Богомајката во чест на Нејзината чудотворна икона Достойно естъ, со најсјајни букви е запишан во месецословот на Бигорската Свештена Обител, зашто таа, по благоволението на Пречистата и љубовта на нашиот Старец кон Неа, се удостои благообителна да постане и за тој чудесен образ на Царицата на луѓето и ангелите. Затоа Бигорски секоја година, на сеноќен молитвен пир, песнено  Ја прославува и Ѝ благодари на „Онаа Која од небесата е повозвишена, и од Херувимите пославна, и од сета твар почесна; Која поради преголемата чистота на Присносушното Естество сместилиште постана…“ Во тоа серадосно празнување годинава посебно духовно благолепие додадоа и зборовите на нашиот најсакан отец, Архимандрит Партениј, што тој умилително ги сложи во својата проповед пред почетокот на бдението:

„Благодарно се радувам, возљубени мои, што празникот на Пресвета Богородица во чест на Нејзината чудотворна икона Достойно естъ, повторно нè собра во толкаво големо мноштво. 

Иконата што ја носев в раце, влегувајќи сега во храмот, и што ја положив на целивалната, е, всушност, семејната икона од мојот родителски дом. На неа, во малку реалистичен стил, се отсликани Пресветата Богородица и Богомладенецот Христос, според познатата претстава од светогорската иконата Достойно естъ. Таа е првата икона што татко ми, откако ја изгради нашата куќа, ја положи дома. Истовремено, таа е и иконата пред која сум ги упатувал своите први молитви, уште како мало дете. Токму затоа, кога пред малку ја видов овде в манастир, особено се трогнав, сеќавајќи се на моите најрани обраќања кон Мајката небесна. 

Сестрите монахињи, во нивната љубов и, би рекол, детска досетливост, имаат обичај понекогаш да ме изненадуваат со некои подароци, а најмногу со својата грижа и внимателност. Овој пат отидоа, навистина, далеку во тоа: денес биле во куќата на моите родители, ја побарале од нив иконата на Пресвета Богородица којашто ја имаме како темел на нашиот дом и ја донесоа тука, преубаво украсена со цветен венец. Гледајќи ја зачуден и трогнат, им реков на сестрите: „Е, добро, сестри мои, како ја изнесовте иконава од дома!? Па, таа повеќе од четириесет години нема никогаш излезено надвор од куќата!“ И не можам да скријам колку ми е мило што сега ја гледам пред мене иконата пред која се родила мојата љубов за Бога, за Мајката Божја, за Царството Небесно…

На браќата монаси, а и на некои од верниците сум им кажувал зошто толку многу посакував да имаме истообразен примерок од светогорската чудотворна икона на Пресвета Богородица Достойно естъ. Ја засакав премногу таа иконографска претстава, бидејќи беше првата што ја видов во мојот живот, иако иконата што ја имав јас, како што кажав, е насликана во реалистичен стил. Се сеќавам, кога отидов да учам во скопската Богословија, научив, меѓу другото, дека древен и светопреданиски стил на живопис, според иконописната традиција на нашата православна Црква од Исток, е оној византискиот, па, во својата почетничка ревност, започнав да ги раздавам по храмовите сите мои икони што не беа во византиски стил. Меѓутоа, кога стасав до оваа икона на Пресвета Богородица, не можев тоа да го сторам. Едноставно знаев дека таа е чуварка на нашиот дом. Бев силно приврзан за неа, бидејќи Пречистата ми ги услишуваше молитвите што ги кажував пред иконата. 

Иконите се Божествена работа – вели Светиот Никифор Исповедник, но, се разбира, не и обожена. Во еден тропар од канонот на Достойно естъ вечерва ќе чуеме: „Не ја обоготворуваме иконата Твоја, Пречиста, туку она што таа претставува“. Тоа значи дека, поклонувајќи се на светите икони, ние посредно Му се поклонуваме и Го почитуваме Самиот Бог. Неспорно, Он, преку Својот Свет Дух, „е насекаде и сè исполнува“, но Своето присуство особено го пројавува во Божествената Евхаристија и преку светите икони, кои се прозорци кон невидливиот, духовен свет. На истиот, благодатен начин, своето присуство го покажуваат и Мајката Божја, и небесните сили, и сите Светии, кои не се ништо друго, освен обожени во Христа личности, икони Божји, богови по благодат. Па така, подобно на сонцето, кое ја разлева светлината и топлината преку мноштвото свои зраци, и Христос, Богородица, Ангелите и Светиите ја предаваат Божјата благодат преку многуте нивни икони. И како што Бог во полнота е присутен на Божествената Литургија, просторно неразделен, бидејќи еден е Бог, но преку светата Причест таинствено се разделува и раздава на сите православни, така и Пресветата Богородица е една, но преку Нејзините чудотворни икони се принесува и разделува на сите верни.

Меѓу најпознатите и најпочитувани икони на Пресветата Мајка Божја во Православната екумена е чудотворната икона наречена Достойно естъ. Како што повеќето од вас добро знаат, таа е востоличена во првиот и соборен храм на монашката република, Светата Гора Атонска – во храмот на Протатонот што се наоѓа во главниот град Кареја, одразувајќи го царското достоинство на Богородица, како Царица на монашката земја, но и како Царица на монашките срца. Оваа икона е главниот видлив признак на присуството на Пресвета Богородица во животот на светогорците, но и во животот на сите монаси што се трудат да го следат светогорското монашко предание. Преку Достойно естъ Богородица ја покажува Својата мајчина грижа за монасите, но и за оние што со вера Ѝ се поклонуваат. Нè гледа со љубов, оти е наша Мајка; секогаш притекнува да ни помогне, никогаш не нè заборава, иако ние многупати скршнуваме од благословениот пат на спасението. Добрата мајка не го оттргнува своето лице од синот што тргнал по лоши патеки, туку се моли со солзи за него и го чека неговото покајно враќање. Во Личноста на Пресвета Богородица, Бог ни подарил една таква чудесна и најголема Мајка. Мајка преку Која ние добивме посиновение, станавме синови Божји, се соединивме со Бога, примивме обожение. Оти, со тоа што Преблагословената Го прими во Себе Богочовекот Христос, Го собра Несместливиот во утробата, и во Своето битие, на несфатлив начин, ги соедини целото Божество и целата смртна природа. Затоа, имајќи ги истовремено целиот Бог и целата човечка природа, може, од една страна, нас да нè подари на Бога и да нè соедини со Него, а од друга, да ни Го подари Бог нам. Ете, таква е Мајката Божја, Мајката наша. Од Својата трета година од животот Таа влегла во Светињата на Светињите во Ерусалимскиот храм, пребивајќи во непрестајна молитва и општење со Бога. Сега Самата е Светиња на Светињите и Го носи Бога во душите наши. Го придобила Бога за сите нас. Не барала ништо друго во Својот живот освен Христа, така што сега има неограничена слобода да ги утешува нашите обременети од гревот срца, да ни помага во нашите проблеми, да ги исполнува желбите на нашата вера. Родена на земјата, повозвишена е од Небото; почива во Својата наднебесна слава, но останува темел на земјата, темел на нашиот живот. Јас безмерно Ѝ благодарам што, еве, и ние сме удостоени да имаме истообразен примерок на Нејзината чудотворна икона, благословен на Свата Гора пред повеќе од седум години, од првонасликаната Достойно естъ. Во тоа време за нас беше многу тешко да се направи идентична изобразба на иконата, бидејќи беше потребно разрешение од Протатонот, највисокото управно тело на Атон, нешто што не се добиваше едноставно. Но, кога Богородица сака сè е можно. Во Атина едни наши пријатели ги пронајдоа и нè поврзаа со уметниците коишто некогаш, со благослов на Протатонот, направиле верен отпечаток од сребрената кошула на Достойно естъ. Кога разговаравме со нив, побожни луѓе, ни рекоа: „Знаеме, отче, дека Богородица сака да дојде кај вас, бидејќи гледаме колкава љубов имате вие кон Нејзината икона. Затоа, со радост ќе ви ја направиме“. 

Гледате, Пресветата наша Богородица, и покрај тоа што многу Ѝ грешиме, а особено јас, никогаш не нè остава и ги исполнува нашите добри желби. Знам исто така, дека Нејзино чудо се и овие монаси и монахињи што ги гледате денес во толкав број, и кои се радост и утеха за нашиот народ. Деновиве, гледајќи ги во храмот на богослужбите, непрестајно им се радував. Едноставно сакам мирно да стојам на некоја стасида и само да ги набљудувам монасите како со љубов Му пеат и Го слават Бога. Навистина не знам како достојно да Му се заблагодарам на Бога што денес ги имаме овие прекрасни Божји служители, рожби на Пречистата. Секако, јас се исклучувам од нив, бидејќи не сум достоен да ги имам покрај себе. Несомнено тие се Божјо чудо, по силните молитвени застапништва на Богородица… 

Ве молам да ми простите што вечерва кажував, можеби отповеќе, некои работи од мојот личен живот. Не би сакал во никој случај да предизвикам соблазна. Всушност, само сакав да кажам колку сум јас грешен, а колку е Бог голем и милостив. И колку се силни молитвите на Пресветата Мајка, Која постојано се труди и бдее над нас, пазејќи нè од нашите слабости, од нашето незнаење. Впрочем, клучно за нашиот духовен живот е спознанието дека ние сме ништо. Бог е Оној Кој од нас прави вистински, Нему подобни личности, само кога тоа ќе Му го дозволиме. Кога ќе Му ја предадеме нашата слободна волја, ќе Му се предадеме целосно, како што тоа го направила Пресвета Богородица. Затоа, ве молам, да ги отвориме срцата наши за најголемата Мајка и да се молиме за сиот овој растревожен свет. 

Да ја возвеличиме, воедно, и Онаа Која е радост и утеха на светот. Во едно величание што го составија браќата, вечерва ќе слушнеме: „Се радува соборот Бигорски што ја има сега Твојата најсвета икона, наречена со името Достојно е; Дево, со вера приоѓајќи Тебе Те величаме“. Да го направиме тоа: со радоста Нејзина да се радуваме и со вера да Ја величаме.

Нека ни е Богородица на помош на сите!“ Амин!