Вознесение Христово – уште една пројава на добрината Христова, која сите ја признаваат

Возвиши се, Боже, над небесата и по целата земја нека биде славата Твоја!
(Пс. 56, 11)

Денес се заврши помирувањето меѓу човекот и Бога. Денес човекот се обожи, небото се возвесели, ангелите од радост играат, а демоните посрамени биваат. Денес целата земја во празнична одежда е облечена, бидејќи со небото се соединува. Денес телото Адамово од десната страна на Бога седнува. Денес предобриот Спасител на небото се вознесува, зашто ја заврши својата мисија, определена од Отецот. Се вознесе за одново да влезе во славата Своја. Се вознесе за да им подготви таму место за почивка и на оние што веруваат во Него (сп. Јн. 14, 3). Се вознесе за да нѐ вознесе на небесата и нас, како што Самиот рече: И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе (Јн. 12, 32).

Вознесението Христово е уште една силна пројава на неискажливата добрина Божја, на Неговата бескрајна милост и љубов кон луѓето. Добрината Христова не може да ја порекне никој. Неа неволно ја признавале дури и Неговите смртни непријатели, а мораат да ја признаат и денес. Говорејќи за суштината на овој празник, св. Николај Охридски поучува: „Не помислувај да кажеш: Вознесението на Господа не било потребно! Кога и некои Евреи, покрај сета нивна злоба, мораа да признаат и да извикнат сѐ добро прави (Мк. 7, 37), тогаш уште повеќе ти, којшто си крстен во Негово име, треба да веруваш дека сѐ што Тој правел, правел добро, промислено, складно, премудро“ (Слово за Спасовден, Омилии).

Големо е значењето за целиот човечки род тоа што Господ со телото Свое се вознесе во Божествениот живот. Преку Неговото тело ние сме поврзани со Него. Затоа, не е случајно тоа што Он телото Свое го даде на заколение и што телото Свое ни го дава нам преку тајната на светата Евхаристија; кога се причестуваме со телото и крвта Христови во вид на леб и вино, ние се соединуваме со Неговото прославено тело – истото тоа тело, кое во тајната на Света Троица пребива на Божествениот престол.

Потоната во духовно созерцание на оваа длабока тајна на добрината Христова, но и славејќи го истовремено и споменот на најголемиот тајновидец на најскриените Божји тајни, „апостолот на љубовта“, „возљубениот Христов ученик“ – св. Јован Богослов, Бигорската обител на молитвеното бдение оваа ноќ мисловно се пренесе на Елеонската Гора во Ерусалим, воспевајќи го Вознесението на Божественото тело на Спасителот. А утрово, на светата Литургија браќата и присутните верници, преку светата Евхаристија, станаа сопричесници на тоа прославено Тело.

О преславно чудо на Вознесението Христово! Телото човечко во преобразен вид беше видено од ангелите, се вознесе повисоко од серафимите, седна оддесно на Отца! Навистина, според зборовите на нашиот христољубив Старец, Архимандрит Партениј, „денес е голем и спасителен ден, зашто славиме посебен празник, празник кој во срцата наши влева надеж – надеж за спасение, надеж за средба со Господа. Затоа и ние, подобно на ангелите небесни, да празнуваме, да се радуваме и да Го славиме Господа Исуса Христа Предобриот!“ Амин.