Галичка прослава на Светите царски Страстотерпци

Благословен е народот чијашто глава кон небото е насочена, и државата чијашто власт во Бога е воспитана. Таквата просветлена глава и таквата богоугодна власт остануваат во добар спомен и кај идните поколенија, а понекогаш имињата на народните предводници, кои блескаво светкаат во страниците на христијанската историјата, се запишани и во диптихот на Црквата Христова.

Едни од нив, за кои денес со љубов и благодарност си спомнуваме, се светите Маченици од богопрославеното руско царско семејство Романови. Последувајќи го примерот на небесниот Цар Христос, Кој со најстрашна смрт, доброволно пострада за спасение на Своите поданици – Христијаните, овие царски Страстотерпци ги положиле своите животи за доброто на сопствениот руски народ. Денес, речиси еден век после нивното во Христа славно мачеништво, Светите благоверни цар Николај и царица Александра и нивните деца: Алексеј, Олга, Анастасија, Марија и Татјана, се најтопли молитвеници пред Господа за рускиот род и земја, но и за сите православни општества и власти.

Просејќи го нивното молитвено застапништво и за нашиот православен народ, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, по Божја промисла, отслужи денес Света Литургија во славниот Галичник, кој некогаш бил плодотворно поле, напојувано со животворните води на верата и љубовта кон Бога, поле од кое израснале многубројни богопросветлени умови, наши духовници, преродбеници, уметници, учители, револуционери, народни водачи…

А како блед потсетник на тоа некогашно благочестие и висока духовна култура во мијачкиот крај, денес се одржа и традиционалната галичка свадба, во која заблескаа древните, раскошни, но истовремено и скромни носии, чудесните народни ора и одразот на христијанското благочестие и смерност. И токму во тој дух беше и вдахновеното размислување на нашиот Старец, што со душевен трепет и низ солзи го сподели со присутните верници во храмот на Светите Апостоли Петар и Павле, после завршувањето на Светата Литургија:

„Неизмерно Му благодарам на Бога што ме удостои повторно да отслужам Света Литургија во овој прекрасен храм и во ова преславно наше село, кои до ден денес остануваат сведоци за силата на духот и верата на нашиот народ во минатото. Си размислував за евангелското четиво што беше предвидено да се чита во оваа 4-та недела по Педесетница(Матеј 8,5-13), а кое, по Божја промисла, се случи да го прочитам токму овде, во Галичник. Имено, денешниот евангелски расказ ни соопштува за необичната вера на римскиот стотник од Капернаум, којшто Го замолил Господа да го излекува неговиот болен слуга: Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. А предобриот Господ Исус Христос му одговорил на стотникот: Ќе дојдам и ќе го излекувам. Но, слушавме од Евангелието како стотникот, бидејќи Римјанин, се чувствувал сосема недостоен Господ да дојде во неговиот дом, па затоа и Му рекол: Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: „Оди!“ и тој оди; на другиот: „Дојди!“ и тој доаѓа; и на слугата: „Направи тоа!“ и тој прави. И навистина, Спасителот ја отворил Својата Божествена уста и слугата на стотникот во истиот час оздраве. Меѓутоа, она што остава особено длабок впечаток во оваа евангелска случка е тоа што Господ, пред да го изрече Својот семоќен и исцелителен збор, се зачудил од прекрасната и силна вера на тој римски стотник!

Размислувајќи за оваа негова чудесна вера, си спомнав дека исто толку силни во верата биле некогаш и нашите богољубиви предци. Ете, ова село е сведоштво за таа вера и љубов кон Бога, достојна за восхит, што била присутна во нашиот народ. Секогаш кога читам, слушам или се потсетувам за историјата на Галичник, но и општо на овој мијачки крај, се воодушевувам од пожртвуваноста и подвизите на нашиот народ, засновани на верата во Евангелието Христово! Многумина поединци, поради нивната исклучителна љубов кон Бога и кон ближните, се удостоиле со светост и слобода пред Господа, да се молат за нас, нивните потомци. Затоа, присуството на нивните души денес живо се чувствува овде, а се чувствува и нивната постојана поткрепа. И блажени и среќни сме ние што имаме такви предци кои ја имале евангелската вера на стотникот! Сигурен сум дека по нивните молитви, а не по нашите заслуги, опстојуваме ние денес како народ. Истото тоа чувство го имам и во нашиот манастир – дека молитвите на нашите претходници монаси, што во најголем дел по потекло биле од овој крај, го умножуваат и одржуваат нашето монашко братство.

Затоа, мили мои, да се угледаме на цврстата вера и самопожртвуваност на нашите предци, и да не бидеме како оние „синови на Царството“ за кои Господ во Евангелието денес вели дека „ќе бидат фрлени во крајна темнина“. Зашто ние сме чеда на народ со силна вера, вера како онаа што ја имал стотникот од Капернаум, вера што Го зачудила и Христа. Чеда сме на Христови луѓе, кои биле исполнети со дух и вистина. И во никој случај не треба да си дозволиме да станеме отпадници од тој царски Христов род, но смирено да се обратиме кон нашите свети предци, да се молат и тие пред Господа да се врати верата меѓу нашиот народ, онака како што некогаш таа и била, та да имаме светла иднина и небесно благословение. Господ да биде со сите нас!“ Амин!