Третиот летен камп по Веронаука во духот на апостолските празници

Да се љуби, да се сведочат делата на љубовта, да се зборува за радоста тогаш кога неволјите притискаат, да се влева надеж таму каде што се чини дека сѐ е загубено, не е ниту малку лесна задача. Зашто денес, ние луѓето, кои прифаќаме разни одговорности и си поставуваме високи цели, како да забораваме да се радуваме на малите, но за нас толку значајни нешта. А постои ли поголема радост од тоа да се видат детските лица, озарени со светлината Христова, на кои некако чудесно е испишана таа прекрасна порака: „Немојте да заборавите да се радувате!“ За децата, да се биде радосен значи да се другарува со Христа – изворот на секоја радост и добрина, да се заедничари со Него, а преку Него и со сиот свет, да се биде секогаш расположен за влевање на нови духовни сили во душата на другиот, да се повикува на игра и смеа тогаш кога солзите почнале да се леат.

За нас – монасите, пак, особено е радосно тоа што ни се дава можност да земеме удел во духовната преродба на нашата младина. Ете одново и по трет пат ова лето, богоугодната желба на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, активно да се мисионери меѓу најмладите, во нашите манастири донесе група од четириесетина деца од Радовиш, придружувани од Деан Божинов и Моника Шапкова. Нивните срца, кои непрестајно вкусуваа од духовно богатата трпеза на Божествената наука за љубовта, насекаде ја излеваа својата радост, правејќи прекрасна атмосфера во свештените Обители на Св. Јован Претеча и Св. Георгиј Победоносец. Токму затоа и нивните впечатоци беа силно сведоштво за небоземниот рај во којшто овие неколку дена тие пребиваа. Еве ви нудиме да се насладите со некои од нив:

Трајче Јованов, 9 години: „Нас, децата од Радовиш, кога пристигнавме во манастирот Св. Јован Бигорски, сите монаси нѐ пречекаа со добри души. А о. Партениј кога нѐ виде многу се израдува затоа што многу сакал деца“.

Јане Димитров, 11 години: „Драг о. Партениј, јас овде во Манастирот времето го поминувам прекрасно и навистина вашиот монашки живот е прекрасен. Исто така и манастирот е убав и јас ги засакав сите и нивниот живот од сѐ срце. Времето ни поминува со најразлични активности, со дружење, прошетки, работа со монасите итн… До сега сум бил во многу манастири, но овој најмногу ми се допадна. Научив многу нешта преку часовите овде“.

Павел Петровиќ, 11 години: „Драг о. Партениј, ви благодарам што нѐ пречекавте и примивте како господини во Божјиот дом. Ви благодарам што ми давате да јадам и пијам. Многу сум воодушевен од манастирот, а исто така и од монасите. Монасите многу нѐ сакаат и нѐ чуваат како свои деца“.

Андреј Јанковиќ, 12 години: „Драг о. Партениј, ви благодарам за сѐ што направивте за мене и за сите останати деца од детскиот црковен хор. Овде е прекрасно и сум пресреќен што се одржува ваков вид на летен камп. Тука има прекрасна атмосфера која е полна со дружба и е надополнета со различни активности кои ги надополнуваат знаењата за верата. Тука се чувствувам како среќник, можам да уживам во сѐ, а особено во службите и Литургијата. Сѐ е прекрасно, но најмногу ми се допаѓа тоа што овде сите се дружељубиви и многу побожни луѓе кои се молат за здравје на сите и не размислуваат за никакво зло“.

Ѓорѓе Ефремов, 11 години: „Драг о. Партениј, овде во манастирот ми е многу убаво. Многу се радувам кога ќе има служба бидејќи таму учам многу нови нешта за Господ. Многу ми е мило што има ред и дисциплина во манастирот“.

Порака од девојчињата од Радовиш: „Отец Партениј, иако не ве видовме, ние го почувствувавме вашиот топол благослов, вашата дарежлива љубов кон нас.. љубов, со која ни помогнавте да видиме дека кога е лошо, можеме да сториме нешто за да биде подобро. Имајте нѐ секогаш во вашите молитви, за да можеме секаде да го чувствуваме вашиот благослов. И нашите молитви секогаш ќе ве пратат. Ви благодариме што нѐ примивте“.