Светејшиот Патријарх Неофит со благопожелби за скоро сослужение

Чудесниот и свештен, небесен хор на Светите сехвални 15 Тивериополски свештеномаченици, кои на земјата славно Христа Го прославиле и со венци на бесмртна слава се украсиле, денес нѐ повикаа на торжествен собор во градот каде што својата крв бестрашно за вистината ја пролеале.

Струмица денес беше сведок на светло црковно празненство што се случи во храмот на Светите Петнаесет Христови витези, а во чест и спомен на нивниот секогаш споменуван страдалнички подвиг.

На покана на домовладиката на богочуваната Струмичка епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Наум, со молитвеното литургиско собрание началствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со митрополитите г. Јосиф, Тетовско-гостиварски и г. Јосиф, Кумановско-осоговски, нашиот старец, архимандрит г. Партениј, архимандритот г. Григориј, архимандрит г. Јаков и свештенослужители од Струмичката и Дебарско-кичевската епархија.

Среде преполнетиот тивериополски храм беа и Претседателот на Владата на Р. Македонија, г. Зоран Заев и градоначалникот на Струмица, г. Коста Јаневски.

Она, пак, што денешното празнување го направи посебно светло и радосно беше присуството на ценетиот гостин од Бугарската православна црква, Неговото Преосвештенство, епископот Велички г. Сиониј, игумен на знаменитиот Тројански манастир. Епископот Сиониј Велички допатува во Струмица со благослов на Неговата Сесветост, Патријархот Бугарски г. г. Неофит, од когошто и донесе посебно писмено обраќање, што го прочита на крајот од богослужението.

Присуството на големиот пријател на Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. Сиониј, предизвика огромна радост меѓу духовенството и верниот народ, бидејќи неговото доаѓање беше сфатено како братољубив чекор од Бугарската црква, во правец на конечно признавање на автокефалноста на нашата најсвета Охридска архиепископија.

Во поздравното писмено обраќање на Неговото Светејшество, Патријархот Неофит, меѓу другото се вели:

„Црковниот спомен за светите сехвални Тивериополски свештеномаченици е заеднички за нашите цркви и православните ни народи. Прославени во своето сведоштво за Христа Распнатиот и во подвигот на мачеништвото, тие и до денес остануваат особено почитувани од целата црква, како едни од фундаментите на верата и на црковниот живот во нашиот регион. Секогаш во двеилјадигодишната историја на христијанството, маченичката крв се претворала во благодатно семе за процут на верата во Спасителот Христос, бидејќи е сведоштво за бесплодноста на гоненијата против Господа и Неговата света Црква. Истото се случило и по жртвениот подвиг на светите Тивериополски маченици, чијшто пример за верата продолжува да пленува и денес илјадници души да го следат спасителниот пат на Евангелието и Христовите заповеди, за да го наследат Божјото царство и вечниот живот. Во овој празничен ден нашите молитви кон Сеподателот Бог се со Вас, со целото Ваше богодарувано паство и со црквата во Република Македонија. Да благоволи Господ во најбрзо време да бидеме во посакуваното од сите единство и благодатно евхаристиско општење. По молитвите на светите сехвални Петнаесет Тивериополски свештеномаченици Бог да ви го дарува на Вас и на богочуваната Струмичка епархија Својот вечен мир и неоскудната благодатна помош!

Честит празник! За многу и благословени години! Со братска во Христа љубов,

Неофит, Патријарх Бугарски“.

Од името, пак, на МПЦ-ОА на Неговото Светејшество за искажаните зборови полни со христољубие и братољубие, како и за благословот за присуството на епископот Сиониј, топло му се заблагодарија митрополитите Тимотеј и Наум, изразувајќи ја воедно и цврстата надеж дека зборовите на возљубениот бугарски Првосветител набрзо ќе се остварат.

Нека Светите славни и сефални Петнаесет Тивериополски свештномаченици бидат наши непрестајни молитвеници за најпосле да восторжествува вистината, правдата и братољубието во Христа – вечната Вистина, Правда и Љубов!