Богородице, Ти имаш непобедлива сила – Трет Акатист

Вечерва, по трет пат во оваа Света Четириесетница, ѝ ги упативме на Царицата Мајка прекрасните стихови од Благодарствениот канон и од Акатистот. Несомнено, голема утеха се за сите верни тие небоземни зборови од Акатистната химна, од тој исклучителен споменик на верата, на богословието, на поетското вдахновение. Утеха и сила за секоја Христова душа што се бори со тешкотиите и искушенијата во овој свет. Зашто, патот на Црквата во овој свет никогаш не бил „идиличен“, затоа што и никогаш не бил надвор од историјата, бестелесен и надвор од реалноста. Да, народот Божји се движи кон небесното Царство, но внатре во историјата, без притоа да се поистоветува со неа, туку борејќи се за нејзино преобразување според Христа, укрепен од зборовите Господови: Не бојте се, Јас го победив светот (Јован 16,33).

Пресвета Богородица е првото човечко битие, после Богочовекот Христос, што, исто така, го победи светот, преку нејзините „да“ и „нека ми биде“, искажани кон предвечниот Совет на Триединиот Бог и во кои се наоѓа одговорот на егзистенцијалните прашања и на човечките копнежи, како и отворањето на патот кон обожението. Ете зошто Богородица станува вистинска Војвотка, Поборница, победоносна Предводничка на луѓето Божји кон конечната победа над овој свет и кон блесокот на Невечерниот ден. Како таква, Која има сила непобедлива, Таа секогаш, при големи беди и искушенија, го имала последниот збор. Утешителен, избавувачки, мајчински.

И во ова светско искушение што го погоди целото човештво, Пречистата ќе го има последниот збор. Таква беше духовната порака од денешниот Акатист, од гласот од вечноста, од чудесните стихови принесени кон Богомајката со молитвено умиление од нашиот Старец, Архимандрит Партениј. Но, за да може Богородица да дејствува, да се обратиме и ние во покајание кон Христа, прифаќајќи ја смирено Неговата љубов: „Да, Христе, нека ни биде според волјата Твоја!“