Христе, во светлината на Твоето лице оние што си ги избрал, упокој ги

Љубовта на Црквата Божја сјае насекаде, го прегрнала и сегашниот век, се грижи за идните, а се простира и во минатите, сѐ до самиот почеток, до созданието Адамово. Иако не е од времето, таа ги опфаќа сите во времето, за и нив да ги направи вечни, приближувајќи ги до вечниот, насекаде присутниот, семудриот Бог, Творец и Дародавец на љубовта Божествена. Во таа љубов времето сосема ги губи своите застрашувачки окови и немоќно го признава триумфот на вечноста. Зашто во Господа Исуса Христа, во Кого, преку верата во Него, имаме слобода да се доближуваме со доверба (Ефес. 3,12), и телесно мртвите не се ништо помалку живи од живите на земјата, а и овие, не во помала мера се мртви за овој трулежен век. Овој опсег на животодавната љубов Христова се пројавува во сите светите таинства на Црквата Негова, а во однос на нашите покојни – видлив е особено во саботните задушници, кога правиме посебен, заеднички молитвен спомен за сите од веки упокоени во Господа.

На овој свештен повик на Црквата, се одѕва, како и секогаш, и нашето монашко братство, собрано околу својот старец и игумен, Архимандрит Партениј, упатувајќи молитви за блажено успение и вечен спомен на починатите души – најнапред со вчерашната панихида, а денес со заупокоената утрена и Светата Литургија и поменот во манастирската костурница.

Kоја животна сладост останува без жалост? Која ли слава останува на земјата неизменлива? Сè е понемоќно од сенка, сè е полажно од сон. Во еден миг смртта грабнува сè. Но, Христе, во светлината на Твоето лице и во насладата на Твојата убавина, оние што си ги избрал, упокој ги како Човекољубец.