Спомен на Светиот Славен Великомаченик Димитриј Солунски Мироточив

Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, оти не Го знаат Оној, Кој што Ме пратил. (Јован 15, 20-21)

Овие Свои зборови нашиот Господ ги потврди, не само со Својата сопствена крв, маченички пролеана на Крстот, туку и со крвта на бројните Негови маченици низ историјата, кои не се двоумеа и животот свој храбро да го принесат во сведоштво на својата вера. Таков бил и славниот великомаченик Димитриј, кого Црквата денес торжествено го слави. Како војник на римската армија, наградата земна за храброста ја заменил со во крв натопената награда на мачеништвото, оти повеќе ја возљубил небесната слава. А крвта негова и неговото слово со кои двојна служба Му принел на Бога, станале семе што роди богат плод, оти го нахраниле дрвото на Црквата, па затоа денес сечилото на световните сили немоќни се пред неговите разгранети жили. Таа ревносно го чува во својот свештен спомен и верно го слави и усрдно го моли на верните да им биде тивко засолниште во неволјите, како што се пее во неговиот тропар: „Вселената те има за свој силен застапник во бедите и победник над иноверните, страдалникуДимитрие“.

Вдахновени од неговиот маченички подвиг, Бигорската Света Обител која секојдневно Му принесува на Христа бескрвно мачеништво, овој пат му ја принесе на Великомаченикот Димитриј сеноќната своја молитва, величајќи ја неговата храбра жртва и неминлива љубов кон Подвигополжникот Христа, Кој го приведе животот негов кон славен крај и го воведе во небесна радост. Како што торжествувале неговите угледни и богати родители за рождеството на маченикот, така ликуваше и бигорскиот храм потонат во тивката светлина на кандилата и молитвено занесен од прекрасните стихири и умилното пеење на монасите. Навистина достојно беше монашкото чествување на овој голем Христов воин, кој по дух и подвиг се покажа вистински брат на славниот Свети Георгиј.

Ти кој си столб на верата и голем заштитник на Христијаните и кој од Бога прими непобедлива сила над злото, не нѐ лишувај и нас, твоите следбеници, од своето моќно застапништво туку моли Го Христа да ја заштити нашата земја од секакво искушение и беда, што извира од непослушанието кон Бога и Неговата волја.