Светото Благовештение! Најубавата вест што човештвото некогаш ја има примено! Најголемата радост што Ангелот ни ја донесе заради смирението на Дева, Којашто со своето „нека Ми биде“ Го симна Бога на Земјата, правејќи почеток на нашето спасение. Какви зборови да изнајде душата денес за да го опее тој голем дар за сите нас?! Кого да слави повеќе? Милостивиот Господ, Кој не се згнаси од нашата гревовна природа и снисходливо посака да се облече во нашето смртно тело, или, пак, Пречистата Му Мајка, Којашто во тој миг со вера смирено се поклони пред Божјата волја, и со своето благословена „да“ го прими благовестието на Ангелот во име на сите нас?! Тој нежен и тивок глас што излезе од нејзината девствена душа небаре загрме силно во вселената, ги размрда закотвените железни рачки и ја отвори вратата на вечноста. Му го покажа на Адама патот кон одамна загубениот Рај. Пат што води преку голготското страдање и крст на нашиот Спасител. Зарем случајно денес, радувајќи се на Благовештението, се поклонуваме и пред Крсното знамение, барајќи сили за довршување на посниот подвиг?! Благовеста оди заедно со Крстот. Да не беше благата вест која како на плодна почва падна во едно смирено срце, не ќе имаше ни Распетие, ни Воскресение.
Таа блага вест што некогаш направи мост помеѓу Небото и Земјата, вчерашната вечер го управи патот на многу верни срца кон Пречистанската Обител на Богомајката, за тука, во топлите прегратки на вековното Светилиште, да се приклучат на сеноќното молитвено славје и чествување на небесната закрилничка на родот човечки, зашто Таа денес ја отпочна таинствената Божја промисла за спасение човечко.
Оваа прекрасна братска молитва, што ги сплоти срцата вљубени во Христа и во Неговата Пресвета Мајка, најде свој темел во братољубието на четворицата присутни архијереи: нашиот сакан гостин и драг пријател, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската Патријаршија, кој претстоеше на бдението; Високопреосветениот Митрополит на Дидимотика г. Дамаскин од Црквата на Грција, кој при своето пристигнување претходниот ден до солзи ги трогна присутните со поздравното слово; Преосветениот Епископ Делчевско-каменички г. Марко, кој со чест се одзва на поканата за заедничко богослужење; и нашиот возљубен Старец, Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј.
И како можеше нашата добра Мајка да не ја чуе и да не се радува на ваквата соборна молитва што ја симна од небото благодатната посета на Оној Кој рече: Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив (Матеј 18,20)?! И уште: По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов помеѓу себе! (Јован 13,35) Да, токму љубовта беше она што го собра целото присутно мноштво, и љубовта беше она што го поттикна возљубениот Митрополит г. Кирил да им се обрати на верните, потсетувајќи ги за трите денешни големи поводи за празнување: Благата Вест кон Богородица, изнесувањето на Чесниот Крст Христов на средината од Великот Пост и Воскресението Господово за кое си спомнуваме секоја недела. Потоа со многу големо умиление, вдахновен од силната своја синовска љубов кон Богородица, се надоврза на воведното слово на нашиот Старец и со зборови ги наслика двете широко отворени прегратки: Христова на Крстот и онаа на Божјата и наша Мајка. „Затоа, продолжи тој, да се потрудиме вечерва тие прегратки да не останат празни. Тоа е нашата чест и нашиот призив и тоа е она за што жеднее Христос“.
Нека неуморната Застапница за сиот човечки род, Којашто мајчински ги шири рацете, за да ги собере во нив сите болни, несреќни, тажни и обесправени, Го помоли Својот Син и Бог да нè прими во Своите прегратки и да ни ја дарува вечната радост на Воскресението.
Амин!
Изразуваме голема благодарност до „2С Студио“ за професионалниот пренос на бдението на социјалните мрежи на Бигорски, со што овозможи голем број души да земат учество во молитвите и славословењето на Пресвета Богородица. Нејзиниот благослов нека биде со нив.