Торжество на Православието

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Неделата на Православието, изговорено во манастирската трпезарија, лето Господово 2017 год.

Ова е верата на Апостолите. Ова е верата на Отците. Ова е верата на православните. Оваа вера Вселената ја утврди. И сега ние, братски и пријателски, во слава и чесна побожност, ги величаме хероите на верата за која тие се бореа!

            Раѓајќи се во огнот на искушенијата, од пролеаната крв апостолска и од маченичките подвизи, нашата света Црква, подобно на својот Младоженец, уште од самиот почеток го започна својот голготски пат. Со векови распнувана и прогонувана, со маки искушувана,  на  потреси и однадвор и однатре подложувана, трпеливо ги врвела бројните замки и сплетки на непријателот на човечкиот род, кој упорствувал низ вековите да го уништи овој брод на спасението, за луѓето да немаат прибежиште во неволјите и да не го најдат својот пат кон Христа. И колку пати ненависникот ликувал, мислејќи дека извојувал победа, гледајќи ја понизена до прав, растргнувана од немири, покриена со крвта на мачениците, но таа одново се издигнувала уште помоќна и посветла од порано. Изложено на непријателски ветрови, Православието научи својата слабост да ја претвори во најголема сила – усвојувајќи ги добротата, милосрдноста и љубовта, што светот ги смета за слабост, тоа ги претвори во најмоќни оружја со кои го покори овој свет и го придоби за Христа. Низ сите тие векови на борби тоа остана верно на Вистината, и успеа да извојува победа над сите ереси што го раскинуваа неговото единство и притеснуваа однатре, па и над ереста на иконоборството. Токму тоа е она што денес го славиме – триумфот на Вистината, триумфот на чистотата на верата, која не потклекна на замките демонски и го одбрани почитувањето на светиот образ Христов. Ги славиме и сите борци за Вистината, кои пожртвувано се трудеа Православието да го зачуваат, онака како што им беше предадено од нашиот Господ, онака како што научија од светите Апостоли.

            Радоста од Торжеството на Православието најде свој достоен одзив во празничното ликување на браќата и сестрите од нашите свети обители, придружени и од големото мноштво верници, кои пристигнаа од сите страни за да го прослават триумфот на својата татковска вера и да им одадат чест на многубројните херои и поборници за Православието, ублажувајќи го нивниот спомен и величајќи го нивното богољубиво дело во одбрана на Вистината. Молитвено благодарни за ова свето завештание на верните Христови служители, монасите и присутните предводени од својот највозљубен Старец, Архимандрит Партениј, откако ја крунисаа  богослужба со чудесно благодатна Литургија, во свечена литија излегоа од храмот, носејќи ги светите икони.  Победнички блескаа во нивните раце овие светите образи, додека низ стиховите на тропарот, се објавуваше победата над ересите. Моќно зазвучи и гласот на Старецот кој во духот на Преданието го прочита пред сите Синодиконот, составен во 843 година, со што се одава признание на сите правоверни цареви и патријарси, сите храбри исповедници на верата, подвижници и маченици.

Го молиме Бога, поради нивните подвизи, борби и учења за чистотата на верата дури до смрт, и ние да се воспитуваме и да се утврдиме и се молиме да се покажеме како подражатели на нивното дело до крај, според штедроста и милоста на Великиот и прв Архиереј Христос, нашиот вистински Бог, по молитвите на преславната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, на боголиките ангели и на сите Светии. Амин.