ВО МАНАСТИРОТ РАЈЧИЦА КАЈ ДЕБАР: Продолжува градителскиот потфат во Св. Георгиј Победоносец, почнат во 17 век

Продолжува градителскиот потфат во еден од најубавите манастири „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, започнат уште во 17 век.

Како што вели сестра Ефимија, манастирот посветен на светиот великомаченик и победоносец Георгиј во Рајчица ја започнал својата градителска сага уште во далечниот XVII век, во времето на бигорскиот игумен Иларион, а својот архитектонски процут го доживеа под будната грижа на игуменот Арсениј, големиот ктитор на бигорското светилиште.

– Така во почетокот на XIX век, на темелите на урнатиот храм се издигна нова прекрасна црква, која игумен Арсениј се погрижи уште веднаш да биде фрескописана, и на денот на Чесниот и животворен крст, 27 септември 1835 година, таа беше осветена и надополнета со достоинствени конаци што народот ги нарекуваше Дворецот на св. Георгиј. Следните бурни години од нашето славно минато, години на постојани војни и смут, оставија бројни траги на овој прекрасен дом на Победоносецот, па во периодот по Втората светска војна од живописните конаци скоро немаше останато ништо, вели сестра Ефмија.

Според неа, преживеал само осамениот храм за да сведочи за некогашната слава. И она што потоа дојде, цели 50 години комунизам, од местото направи вистинска пустелија. Две полуразурнати одаи без покрив за да послужат барем како плевни, руиниран ѕид како одблесок од некогашната трпезарија, распадната камена ограда околу и ‘рѓосана железна конструкција за камбанарија. Насекаде обраснато со дрвја и треви. И среде тој пустош сè уште стоел и гордо одолевал на времето древниот храм.

– Во таква состојба новиот бигорски игумен, архимандрит Партениј го затекна светилиштето при своето враќање од Света Гора во 1995 година. Трогнат од тажната глетка на запуштениот дворец на св. Георгиј, во срцето зема завет пред Бога и пред светецот дека нема да се успокои додека не го воскресне овој негов Божји дом. Додека молитвено го упатува својот поглед кон Великомаченикот, барајќи ги неговите застапништво и помош, во својот ум мисловно го живописува новиот лик на замрениот манастир, новиот дом на сестринството што наскоро ќе се всели тука. И Бог радосно и благонаклоно погледна на оваа негова желба, посочува сестрата.

Додава дека по својата неискажлива промисла и по молитвите на заштитникот свети Георгиј ја благослови новата градба и така на 27 септември 1999 година игуменот со братството го започнал својот голем градежен потфат. Дело големо, кое бара целосно да се вложиш. Но трудот не остана без награда: само за 18 месеци од урнатините се издигнало грандиозно ново светилиште, блеснало на сонцето со својата чудесна белина и веднаш го добило името Снежна кралица. На четврти јуни 2001 година започнал новиот живот во овие таинствени високо издигнати ѕидини, а монашкото сестринство што Бог тука го населил го запечатило тој духовен почеток со своите смирени молитви.

Наскоро дојде и благословот на свети Георгиј, во вид на неговите свети мошти, и донесе неизмерна радост и големи плодови. Сестринството се преумножи, монашките ќелии се пополнија, манастирот тесен стана. Со новите сестрински занимања, работниот простор стана насушна потреба.

Одново грижи за архимандрит Патрениј, треба повторно да се гради, и повторно во закрилата на Христовиот крст, вели сестрата, и додава дека на 27 септември 2016 година митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј го освети камен-темелникот за новите манастирски работилници.

Конакот е импозантно голем и со несекојдневна крстовидна архитектура, вистински украс на крајот.

Речиси никој не може да верува дека пред само две години никна од ѕидовите на една обична куќа и сега е во завршна фаза. Во чист византиски стил, по пример на древните градители, а според боговдахновената замисла на игуменот.

Но тука не завршува неговото дело.

– Монашкиот конак веќе не се слеваше во ликот на византиската архитектура на новата градба. Требаше и тој полека да го смени својот лик, па својата снежна белина почна да ја заменува со убавината на бигорниот камен. Архитектура топла а истовремено мистична, таинствена носталгија по византискиот раскош на некогашните монашки светилници на православната империја. Лик што враќа во блесокот на златните векови на православието. Работата оди бавно – малку се денес оние што можат да го скротат тврдиот камен и од него да ја извлечат бараната форма. Но вредните работници неуморно се трудат. Сега и камбанаријата неусетно ја облекува својата камена риза, некаде прошарана со украси од црвена тула. А зимата е веќе на прагот. Скромните резерви се скоро при крај, па градењето треба да запре. А напролет со нови сили и со надеж за нови средства што ќе ги собере и подари благородната, штедра народна душа. Потфатот да се доврши, манастирот да се догради. Сега за монашката принова треба и нови ќелии. Игуменот мора и нов монашки конак да предвиди, градбата направена пред скоро 20 години да ја продолжи со ново крило и манастирскиот комплекс да го заокружи. Среде тој прстен од конаци нов голем храм на св. Георгиј да се крене, оти стариот е премал да ги собере за манастирска служба дојдените верници, па голем дел од нив богослужбата ја следат од дворот, нагласува сестрата.

Навистина големо и благородно дело, во кое ќе се вгради и ова наше поколение и ќе остави вреден залог за идните времиња, вели таа и додава дека тоа ќе ја даде својата скромна лепта, а за возврат ќе пожнее обилен благослов.

Според неа, нема поубав начин да оставиш трага од ова твое кратко живеење на земјата и да го запишеш засекогаш своето име на небесата, каде што Бог усрдно ги памети и стократно ги наградува оние што направиле нешто за свое спасение и негова слава.

Потребно е да се помогне за да се изгради докрај оваа богата духовна ризница, која ќе блеска и ќе им сведочи за нашата добрина на уште многу идни поколенија.

– Да ја стекнеме со малку вечната награда. Св. Георгиј сака ние да му изградиме дом за засекогаш да ја стекнеме неговата моќна заштита. Нека биде така, вели сестра Ефимија од женскиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.

Вера Тодоровска за МИА