Посета на министерката за култура

Братството на свештената Бигорска обител денес ја имаше честа да ја пречека почитуваната министерка за култура на Р. Македонија Елизабета Канчевска Милевска, која посака лично да се запознае со напредувањето на возобновата на Горни Палат. Во нејзина придружба беа и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, директорот на Филмскиот фонд Дарко Башевски, портпаролот на Министерството за култура Анита Јованоска, како и стручна екипа на Националниот конзерваторски центар. Нашите драги гости беа гостољубиво и со радост пречекани од страна на игуменот на манастирот, архимандритот Партениј, кој со големо внимание им го покажа целиот манастирски комплекс. Воодушевени од речиси возобновениот автентичен изглед на Горни Палат, но и од целокупниот манастирски амбиент, министерката и нејзините придружници ја изразија својата искрена радост и благодарност кон нашиот старец и братството, ветувајќи дека и понатаму ќе продолжат да го помагаат процесот на возобнова и доизградба на Бигорското светилиште. На крајот министерката Канчевска Милевска, заедно со манастирскиот економ о. Доситеј и архитектот на НКЦ Ѓурѓица Лековска дадоа изјава пред медиумите за денешната средба.