Училиште за Веронаука во Бигорски

„Колку се мили Твоите живеалишта Господи“. Тие се ризница, отворен кивот полн со непроценливо и непотрошливо богатство, кое духовно го поткрепува секој што од него се храни. Таков кивот е Бигорскиот манастир, каде славата Божја ги просветлува сите оние што со отворено срце пристапуваат. А, постојат ли поотворени срца од оние детските, исполнети со искрена и незлоблива љубов, во кои ги полагаме нашите надежи за спасението на сиот свет?! Токму затоа и Христос ќе рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е Царството Божјо“.

Така, во духот на евангелската мисија за спасение на светот, а како продолжение на древната Бигорска традиција, деновиве, во овој свештен манастир и во неговиот метох св. Георгиј Победоносец – Рајчица, апостолските мрежи на љубовта го принесоа својот богат плод. И како што бигорските предци вредно и грижливо работеле на Божјата нива, за да го зачуваат духот на Светото Предание на православната Црква меѓу нашиот народ, така и овие две светилишта, надалеку познати по своето гостољубие, во периодот од 26 – 30 јуни примија 35 деца, за кои беше организирано летно училиште по веронаука. Децата, очевидно задоволни, беа вклучени во секојдневните послушанија на манастирот, а дополнително беа организирани и други активности, како на пр: часови по веронаука, часови по византиско пеење, плетење бројаници итн. Автентичниот амбиент од нив правеше вистински апостоли, а постојаната празнична атмосфера и нивните широки насмевки ги ловеа љубопитните погледи и срцата на сите посетители. Просто, искрена радост се ширеше насекаде.

Инаку, посетата на децата беше плод на соработката помеѓу Дебарско – кичевската епархија, односно Бигорскиот манастир и Преспанско – пелагониската епархија, поточно, хуманитарната организација при Преспанско-пелагониската епархија „Утешител“ и Центарот за православна христијанска веронаука „Св. Јован Богослов“ од Битола, под раководство на вероучителот Драги Анастасовски. За оваа иницијатива тој рече: „Нашата минатогодишна желба и молитви се исполнија, благодарение на сотириолошката, визионерска мисија што ја прават овие наши духовно преродбенски центри, манастирите Бигорски и Рајчица, возглавени од возљубениот од сите нас игумен о. Партениј. Во време на духовна небиднина, на онтолошка глад и празнина, нема друга поважна мисија на Црквата од таа да раѓа луѓе. Зборовите на Христос упатени до апостолите, а преку нив и до сите нас: „Досега бевте ловци на риби, а од сега ќе бидете ловци на луѓе”, е наша денешна насушна, првостепена обврска. Ниедно дело, ниедна градба не е поважна и поубава, од една здрава духовно извајана, изградена личност, преумена преку солзите на покајанието и преобразена, уподобена на Првообразот Христос.

Е таа мисија, тоа спасително дело, во полнота го спознавме, го доживеавме, во близината на овие првородени синови и ќерки, на ангелоподобните монаси и монахињи од овие манастири. Го доживеавме преку нивната надумна трпеливост, смиреност, радост и љубов со која нѐ опсипуваа преку сите денови од нашиот престој.

Некои од децата, бидејќи љубители на словото, не пропуштија преку пишаниот збор да ги изразат и своите длабоки чувства:

Јована Атанасовска
„Рајчица“
Благословени сме од духовноста, убавината и рајот во кој овие пет дена престојуваме.
Добрината на монахињите, добрината на отец Партениј,
убавината на Рајчица и убавината на конаците,
се знакот на Господ Бог Кој во секое време е со нас…

Јулија Јошевска и Наталија Јанкуловска
Во овој манастир ние се исполнавме со љубов, мир и радост,
а што е најважно научивме за нашата вера,
којашто никогаш не ја почувствувавме во толкава мера.

Еве и една порака:
Сите нека знаат дека љубовта на сестрите е многу голема и од нивните очи само љубов се точи.

Ангела Прчкова:
Патувањето со автобус и онака е секогаш исто. Но, оној рај што нѐ чекаше кога стигнавме, не може да биде сличен на ништо друго. Тоа смирение, љубов и внимание што се добива таму го нема на ниедно друго место.

Најпрвин отидовме во манастирот „св. Јован Бигорски“, каде што бевме гостопримливо пречекани од еден монах и каде што ни беше укажано задоволство да се поклониме пред моштите на совршени личности. После тоа следуваше вкусен појадок и повторно патување до манастирот „Рајчица“. Таму бевме пречекани од великодушните и полни со љубов прегратки на монахињите. Потоа се сместивме во собите. Манастирот едноставно го одзема здивот со секој поглед во него. Постојано ни посветуваат внимание. Присуствуваме на богослужби, им помагаме на монахињите, учиме да пееме црковни песни со с. Касијана и плетиме бројаници со с. Анастасија и с. Ефимија. Тука незабележано не остануваат ниту игрите заедно со с. Елисавета, с. Маја, Марина, Александра, Данче и останатите монахињи.

Присуствуваме на часови по Веронаука на кои од с. Ефимија и с. Елисавета научивме многу повеќе работи отколку што знаевме.
Работевме и во градината. Треба да се заблагодариме и за прекрасните трпези. Најповеќе од сѐ благодарност заслужува Бог, Кој ни дозволи да го доживееме ова и да бидеме дел од овој прекрасен манастир. Се надевам дека со благослов на отец Партениј и во иднина ќе бидеме дел од гостите на овој манастир.

Посакуваме ваквите летни школи да станат дел од програмата на сите епархии и да поттикнат позитивно размислување кај претставниците од нашата Влада за поголема застапеност на Веронауката во училишните програми, бидејќи само тоа од нашите деца може да изгради духовно здрави и сестрани личности.