И шестиот летен камп по веронаука – радост за Бигорски и Рајчица

И оваа недела Бигорски и Рајчица ја поминаа во атмосфера на детска радост и љубов. Вкупно 43 дечиња од Ресен, Тетово и Скопје ја надополнуваа на благодатната летна хармонија во манастирите. После петдневниот престој исполнет со молитва, послушание, веронаука, забава и дружење, децата денес имаа заедничка средба со нашиот, Архимандрит Партениј, на кого му ја искажаа сета своја одушевеност и благодарност. Старецот, пак, пред испраќање, уште еднаш ги посоветува со својата татковска љубов: „Мили мои, сега кога ќе си одите одовде, вие треба да бидете проповедници на љубовта Божја, апостоли меѓу вашите другарчиња и роднини, на кои, преку добрите дела и радоста, ќе им покажете дека Бог навистина е љубов. Многу е важно за Христијанинот, откако ќе Го спознае и засака Бога, да им Го посведочи и на другите, за и тие да вкусат од неискажливата радост во Христа. Оти на луѓето им е најубаво кога се заедно со Бога. Доколку човек Го има Бог во своето срце, тогаш ќе биде најсреќен човек. Затоа, ако сакате во текот на целиот живот да бидете вистински среќни и да чувствувате духовна радост, барајте Го преубавиот и премилостив наш Спасител, Господ Исус Христос“.

А за духовната преобразба и Божествената радост на дечињата, освен нивните облагородени лица, како сведоштво ни остануваат и нивните запишани впечатоци за престојот во манастирите. Поради нивата бројност ќе наведеме само еден мал дел од нив:

Софија Тодороска, 13 години: „Времето што мина, но остана засекогаш. Како што велат постарите, времето е релативна работа. Најубавите мигови исчезнуваат брзо, како залутана стрела во густа шума. Така, и овие 4 дена си заминаа брзо, бесшумно. Нивната трага остави длабоки сеќавања на среќа и љубов во мене. Овде научив што сè значи љубовта. Секојдневните служби сееја радост и чест во мене… Му благодарам на отец Партениј што дозволи да дојдеме и да го имаме ова прекрасно искуство. Отец Партениј е добар и благ со децата и мислам дека е многу добар човек“.

Леон од Ресен, 12 години: „Во манастирот има духовен мир и спокој. Научивме за верата, исповедта, Причесната, за Господ и Светците. Поминавме прекрасно исполнети 4 дена“.

Ленче Владимирова од Скопје, 15 години: „Прекрасните моменти поминати во манастирот Рајчица. Јас тука поминав 5 прекрасни дена, кои многу брзо ми поминаа. Деновите во манастирот Рајчица ни беа исполнети со разни црковни активности. Денот ни почнува со утрена и Литургија, на коишто слушаме прекрасни молитви посветени на Бога. Имаме и часови по веронаука на кои учиме за Господ Бог Исус Христос, за Мајката Божја, за тоа што е добро, а што не… Учевме разни молитви, сестрите дури нè научија и да правиме икони… Тука сè е прекрасно, бидејќи секој миг поминат во Божји храм е прекрасен, единствен, незаменлив“.

Петар Јовановски од Тетово: „Јас сакам да кажам дека многу ја сакам христијанската вера – ја сакам и ја почитувам со љубов. Христијанската вера е со многу љубов, надеж и вера. Некои луѓе можат да погрешат, а ако луѓето погрешат треба кај својот духовник да се исповедаат, а ако не се исповедаат Бог ќе им биде многу лут, затоа што направиле луѓето грев. И треба да Го сакаме Бог“.

На крај ќе ја пренесеме благодарноста и на раководителот на оваа група, ѓаконот Илија Деспотовски, кој пожртвувано се грижеше за сите дечиња:

„По милоста Божја и со молитвеното закрилништво на Светиот Јован Крстител и Светиот Георгиј Победоносец, учениците од неколку тетовски села, во летото Господово 2016, во периодот од 26 до 30 јули, успешно допатуваа и остварија неколкудневен наставен престој во велелепното здание на манастирскиот комплекс „Свети Јован Крстител – Бигорски“ и неговиот метох посветен на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица во близината на Дебар. Со несебичното и пастирско залагање на игуменот на Бигорскиот Манастир, Архимандрит Партениј, како и со евангелската љубов на монасите и монахињите од братството и сестринството, кои се под негово духовно раководство, на најмалите им беа пренеси дел од историјатот и значењето на храмовите, параклисите, конаците, иконите и животот во манастирите, како дел од процесот на веронаука во летниот период. Радоста и огромната благодарност на децата беше дополнета и со пастирската грижа и поуки на неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, со кого учениците имаа можност да поразговараат. Секако, не помалку значајни беа и средбите и сесрдното залагање на монасите и монахињите од Бигорското братство и сестринството од Манастирот во Рајчица, во пренесувањето на знаењата за Светите Тајни, љубовта Божја, меѓусебната љубов и почит, како најголеми христијански добродетели, други вистини од православната вера, како и приближувањето на манастирскиот типик и други сознанија поврзани со манастирот и животот во него, во можноста децата да се запознаат со дел од ризницата на ова наше најголемо духовно светилиште и за можноста да се доживее дел од духовноста на манастирот. Со длабока убеденост дека овој престој остави неизбришливи траги во оформувањето на животниот пат и душите на овие млади Христијани, јас, ѓакон Илија Деспотовски – теолог и наставник, заедно со децата ја изразуваме својата најдлабока благодарност, пред сè, до Неговото Високопреподобие, Архимандритот Партениј, како и до монасите и монахињите од братството и сестринството на овие два православни манастири за нивното топло и срдечно гостопримство и посветеност.

30.07.2016 година, Ѓакон Илија Деспотовски“