Денес Бигорското Светилиште беше сведок на уште едно радосно собитие. Прекрасната долгогодишна соработка на бигорскиот старец и игумен, Епископ Партениј и на неговите монаси со во светски рамки познатиот славист и драг пријател на Манастирот, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, беше запечатена со една топла и за присутните гости душеполезна промоција на нејзината најнова книга, наречена Вековит Светилник, што се одржа во убавиот амбиент на големата приемна сала на Бигорскиот Манастир. Книгата, што по Божја промисла, беше издадена токму оваа година, кога Бигорската Обител го слави своето илјадалетие и е посветена на големиот јубилеј, беше инспирирана токму од личноста на нашиот старец, владиката Партениј. Авторката на еден вдахновен начин го следи неговиот неуморен подвиг во духовното градење на Светилиштето, низ примерите на монашкото секојдневие, кои и самата имала прилика да ги доживее во бројните посети на манастирот, како и личните искази на браќата и сестрите. Во своето излагање на промоцијата, јеромонахот Кирил, кој ја имаше таа чест непосредно да земе удел во раѓањето и обликувањето на книгата, ја изрази својата благодарност до професорката што беше повикан да напише рецензија за книгата и да се потсети на навистина прекрасни спомени од својот и од животите на постарите браќа. Тој ја искористи оваа поволна можност да ја прочита пред бројниот аудиториум во салата, песната што професорката Антиќ му ја посвети на нашиот игумен и владика, насловена како Бигорската икона:
Има едно дрво со вишни гранки, со корен врвнат во планински камен. Има еден камен вдлабнат во корен- и корен и камен во едно цело. Каменот впивал од искони искри, искри од оган, светлина и сонце, свежест од вода истечна и бистра, од избран извор од свети води, од стапалки на светци наши, невидливи дарби под sвезди бројни, на небо ниско над свето место, со шепот на ноќта и светулки мноштво, манастир граден од нитки дарби и прибран навек во чудесна тајна... Бигорски манастир „Свети Јован Крстител“, август 2011 година
Откако своето излагање го заврши со читањето на рецензијата, јеромонах Кирил со голема почит ја најави авторката, која на еден присен и искрен начин во своето обраќање ги сподели со присутните мотивите за раѓањето на оваа книга – силната врска која отсекогаш ја поврзувала со ова Светилиште, но особено восхитот и духовните придобивки од драгоценото пријателство со Епископ Партениј и браќата.
Трогнат од ова срдечно обраќање, нашиот старец и игумен ги почести присутните со своето вдахновено размислување, инспирирано од еден пасус што имал прилика да го прочита непосредно пред промоцијата:
Мили мои, би сакал најнапред да ги поздравам мојата многу драга и почитувана професорка, д-р Вера Стојчевска Антиќ, нашиот сакан економ, јеромонахот Доситеј, отците и браќата од нашиот манастир, сестрите монахињи од другите манастири, нашите мили Христијани, браќа и сестри, поклоници и почитувачи на Светиот Бигорски Манастир.
Посебно ѝ благодарам на ценетата професорка Вера Антиќ за нејзината докажана љубов и пожртвуваност кон Бигорското милениумско светилиште, кои се јасно присутни низ страниците на оваа книга, насловена со еден мошне импресивен наслов: Вековит Светилник. Професорката работеше над книгата пред десетина години и кога најпосле собра доволен материјал, настојчиво бараше благослов за таа да се отпечати: ‘Оче, ве молам дозволете да се испечати овој материјал. Да ја види светлината на денот…’ Тогаш сè уште не го давав својот благослов за печатење, бидејќи сметав дека не е ѝ дојдено времето, согласно зборовите на цар Соломон, кој вели: Сè има свое време и секоја работа под небото има свое време… време кога се урива и време кога се гради (Проп. 3:1,3).
Во периодот кога професорката Антиќ ја пишуваше книгата, конакот Горни Палат материјално не беше веќе пред нашите очи, беа останати само околните ѕидови. Но, тој факт не ја спречуваше духовната градба на Манастирот, којашто никогаш не ни престана. Токму во тоа време професорката живееше со нас и сето тоа така умешно го фактографираше. Ги запишуваше размислите на монасите, на верниците и поклониците, на работниците и посетителите на Манастирот, дознаваше повеќе за нивните животи и за нивната конекција со Бигорски и сето тоа таа мошне грижливо го склопила во оваа прекрасна книга што денеска ја имаме пред нас.
Морам да признам дека со оглед на тоа што помина доста време откако беа составени овие писмени сведоштва, сум заборавил многу моменти од нив. Меѓутоа, пред малку во моите раце дојде еден примерок што започнав да го разлистувам, читајќи извадоци од него. Вниманието ми го привлече едно интересно место, сведоштво од еден тогашен искушеник, а сега добар монах од нашето братство. Во своето излагање професорката Антиќ, зборувајќи за мојот живот врз основа на податоците добиени од моите родители, меѓу другото кажа дека од мал сум чувствувал призив за животот во Бога. Веројатно тоа е точно, зашто, навистина, во мојот живот, уште како младо момче, сум имал многу моменти во кои гласот Божји беше многу силен; честопати како да се плашев од тој глас, како да сакав да го избегнам, но тој беше посилен од сè. Црквата секогаш ме привлекуваше, интересот за Евангелието постепено растеше во мене, а се сеќавам, како дете, некогаш се криев од моите, за тајно да ги учам молитвите од молитвеникот на баба ми напамет. Сепак, за разлика од мојот животен пример, имаме случаи во кои Бог подоцна го испраќал Својот призив, без разлика каков бил нивниот претходен живот, или пак, тие души можеби покасно го прифаќале Божјиот глас во своите срца, кога сфаќале дека далеку од Божјата љубов животот не значи ништо. Ова сведоштво на тогашниот искушеник говори за еден таков пример. Тој, меѓу другото, пишува: ‘Живеев и пораснав без познавањето на Бога, а со тоа и без познавањето на вистинската љубов. Уште од мал сум имал авантуристички дух, кој потекнувал од желбата на моето срце за искрена љубов, која, пак, светот не можеше да ми ја понуди. Затоа, барајќи ја неа, заминав во погрешни правци; мислев дека слободата и љубовта се наоѓаат во гревовниот живот и неговите задоволства, за кои тогаш не сум ни бил свесен дека се лажни. Но, како што времето поминуваше, така осознавав дека колку повеќе ги исполнувам гревовните задоволства, толку повеќе останува мојата душа празна и, секако, многу далеку од вистинската љубов. Станав сличен на блудниот син од евангелската приказна, празен, без волја за живот, без топла надеж во моето срце, без позитивни мисли во мојата глава’. Сега, човекот што го напишал ова е меѓу монасите во нашето братство и се труди да води рамноангелен живот. Нека е благословен и докрај да го изоди животот во подвигот на монаштвото!
Отец Кирил во своето обраќање нè потсети на денешното Евангелие за лозарите, неблагодарните лозари. Пред да започне промоцијата, во мојата игуменска приемна одаја дојде, група млади луѓе со кои разговаравме токму на оваа тема. Во еден момент ги запрашав: ‘Што мислите, кои се лозарите опишани во денешното Евангелие?’ Едно од момчињата ми одговори: ‘Евреите’. Продолжив: ‘Да, тука се мисли на старозаветниот Израил кој Го отфрлил Бога, но и на кои други? На сите нас – одговорив. На архијереите, свештениците, но и на секој еден Христијанин. Зашто, под лозјето би можеме да го подразбереме овој прекрасен свет што Бог го создал и сите убавини во него што ни ги оставил нам на располагање, за наша наслада и радост. На нас останува да бидеме верни и благодарни работници на Божјата благодат, на Оној Кој го насадил лозјето, Кој го создал сиот видлив и невидлив свет. Ние сме Неговите синови, работниците на Неговото лозје, создадени според Неговиот образ и подобие. А ние, што правиме ние? За жал, многупати се покажуваме како оние неблагодарни лозари опишани во денешното евангелско зачало. Со нашите дела, со нашите животи, со мислите што ги имаме, со погрешните идеологии, како да Му велиме на Господа: ‘Не сакаме да бидеш присутен во нашиот живот, не ни требаш, сакаме да бидеме слободни’. Ама притоа забораваме дека слободата без Него е лажна, како што исповеда и некогашниот искушеник, дека таквата ‘слобода’ е всушност најтешко ропство. Всушност, без Бога сè е лажно. Еве, го спомнавме и блудниот син. До каде стигна човекот кога посака да биде без Бога? Започна да ги храни своите страсти, кои во суштина никогаш не се наситуваат. Затоа Христос вели: И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше (Лука 15,14-16). Далечната земја ја симболизира оддалеченоста од Бога, во која човекот станува крајно сиромашен, па дури и роб.
Затоа, мили мои, да се трудиме да бидеме верни наследници на Божјото наследство и чувари на убавото што ни е дадено од Господ. Да го чуваме Христа во срцата наши како најголемо богатство. Зашто кој ќе Го најде Бога во својот живот, нему ништо друго и не му треба, тој станува вистински богат. Сите други нешта во неговиот живот ќе застанат на правото место. Господ Христос во Евангелието кажал една многу интересна приказна. Споредувајќи го Царството Небесно, Тој го уподобил на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сè што имал и ја купил таа нива (Матеј 13,44). На прв поглед за секој читател се чини чудно: како тоа го прикрил богатството во нивата? Да распродадеш сè што имаш за некакво богатство и накрај истото да го прикриеш?! Навистина многу чудно. И мене на почеток кога сум ја читал оваа парабола ми изгледала чудна, сè додека не сфатив дека нивата е, всушност, срцето наше, а богатството што човекот го пронашол е Самиот Господ Исус Христос. Значи, нема ништо поголемо од Него, од тоа да Го положиш Него во нивата на своето срце. Тогаш сите останати нешта си доаѓаат на своето место, како што и Самиот Он вели: Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде (Матеј 6,33). Од ништо нема да бидеме лишени, доколку го бараме најнапред Царството Небесно.
Отец Кирил, ти благодарам што ме нарече татко на овој манастир, како што, впрочем, ти и другите браќа од овој Манастир ме чувствувате. Јас, навистина, се гледам себеси недостоен за призивот што ми е возложен и затоа само барам од вас молитви и поткрепа, та да останам верен и благодарен лозар на нивата Господова до крајот на мојот живот. Интересно ми е поклопувањето што оваа книга, по десетина години, се промовира во овој неделен ден кога се чита Христовата парабола за лозјето, во годината кога Манастирот ја слави својата илјадагодишна опстојба, а јас, најмалиот и недостојниот, станав епископ. Тоа ја наведе мојата мисла на првосвештеничката молитва што архијерејот ја кажува на Света Литургија, благословувајќи го народот со дикирите и трикирите, т.е. со двете и трите свеќи: „Господи, Господи, погледни од небото и види и посети го ова лозје и утврди го, што го насади Твојата десница“. Сега мојата одговорност е уште поголема. Речиси и да нема богослужба, а да не се насолзат моите очи. Во мојот живот сум почувствувал што значи тоа да носиш многу луѓе на својот грб. Има еден дел од богослужбените одежди на архијерејот што се нарекува омофор. Тоа е оној широк бел појас што еден од свештениците го носи на големиот вход за време на Литургијата, а епископот го зема и го става на себе, врз вратот и рамењата. Имено, омофорот го симболизира паднатиот и изгубен човек што Христос го зема како јагне врз своите рамења, за да го понесе кон спасението. Впрочем има и таква иконографска претстава, на која Спасителот е насликан како носи јагне врз Своите плеќи. Тоа јагне нè претставува сите нас, човекот загубен во гората, во светот на страстите. Монасите можат да се сетат на догматикот на 4 глас, во кој се пее: „…Мајка и Посредница на Животот те направи Бог, Кој благоволи да се вочовечи од тебе и пак да го обнови Својот извалкан образ од страстите и откако ја најде загубената овца во гората и ја зеде на рамо, да ја врати при Отецот и по Своја волја да ја присоедини кон небесните сили…“
Прекрасно е да се зборува за Бога, уште попрекрасно е да се живее во Неговите дворови. За да би можеле псаломски да извикаме: Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите! Копнее душата моја, сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог (Псалм 83,1-2). Нас, мили мои монаси и монахињи, Господ нè удостоил да живееме во ова Светилиште. Велам ова, затоа што најнапред тука започна монашкиот живот и Бигорски стана матица на останатите наши манастири. Но и вие, возљубени верници, коишто не живеете постојано тука, секогаш присетувајте се на зборовите на нашата драга професорка, ценета и во светски рамки, која во своите прекрасни размисли за верата и за Бога, меѓу другото, нагласи дека таа, иако нема можност да доаѓа често, е постојано духовно присутна овде и меѓу нас. Тоа треба сите да го живееме, т.е. со нашите мисли непрестајно да пребиваме со и во Бога.
Возљубена професорке, уште еднаш бескрајно Ви благодарам за ова прекрасно дело и за убавите зборови, а ви благодарам и на сите вас!
Бог да ве благослови!