Заврши петтиот летен камп по веронаука во Бигорски и Рајчица

Во посебна радост и низ прекрасни моменти на дружба и знаење, заврши и петтиот летен камп во нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица. Овој пат гости во манастирите посветени на Св. Јован Крстител и Св. Георгиј Победоносец, беа четириесетина деца од Тетово и Пробиштип, кои имаа прилика, исто како и младите од останатите смени, да се запознаат со манастирското секојдневие, со основите на православната вера, возвишената христијанска етика на однесување, но најмногу од сѐ, да слушаат за подвигот на љубовта, добрината и духовната радост, кои се главни одлики на секој крстен во светото Православие. А најубавата можност да го доживеат сето она за коешто слушаа и твореа неколку дена, беше празникот на Светите славни и првоврховни апостоли Петар и Павле, кои како непресушни извори на ревност, мудрост, љубов и непоколеблива вера, штедро ги благословија овие нашите најмили.

Посетата, пак, на градот Охрид, на древните охридски храмови „Свети Пантелејмон – Плаошник“, „Свети Јован Богослов – Канео“, „Света Софија – Божјата Премудрост“, „Пресвета Богородица – Перивлепта“, како и „Пресвета Богородица – Каменско“, токму на празникот на Светите Апостоли Петар и Павле, беше одлична прилика да се рашири кругот на пријателства, да се сподели наученото, виденото, доживеаното претходно, низ дружбата со младите домаќини од Охрид, инаку идни учесници на летните кампови по веронаука во нашите манастири. И како и секогаш, охриѓани се покажаа како гостољубиви домаќини, кои со голема радост, љубов и пожртвуваност ги примија, прошетаа и поткрепија нивните нови пријатели од Тетово и Пробиштип. Не беше мало и изненадувањето што тие им го приредија на нивните драги гости – прошетка со бродот „Александрија“, за што особено сме му благодарни на неговиот сопственик г. Зоран Гилевски.   

Својата благодарност, пак, кон нашиот Старец, Архимандритот Партениј, кој секогаш со своите непресушни идеи ги изненадува и радува младите, децата ја искажаа на најразлични начини, меѓу кои имаше и такви кои напишаа навистина прекрасни зборови:

 

Филотеа Атанасова, Пробиштип, 9 години:

„Отец Партениј милно нѐ погали,

на сите радост и љубов неизмерна ни подели.

Другарчиња не двоумете се,

на камповите по веронаука доаѓајте.

Радувајте се, играјте и пејте,

и за Бога учете“.

 

Александра Наумовска, Тетово, 14 години: „Прво нешто што сакам да направам е да му се заблагодарам на отец Партениј за овој прекрасен летен камп и за овие преубаво поминати пет дена. Сѐ беше прекрасно, и верувам дека секој од нас почувствува многу љубов, спокој и мир, така што сите повторно би се вратиле овде. Најмногу ни се допадна дружбата, а ги посетивме и црквите во Охрид, каде што се возевме и со брод. Сакам да им се заблагодарам на сите што вложија труд за нашето гостување овде. Срцата ни се исполнија со љубов, која и понатаму ќе ја шириме“.

 

Благица Јовановска Тетово, 14 години: „Иако во Рајчица сум дојдена пред само пет дена, се чувствувам како тука да живеам веќе неколку години, а тоа е заради луѓето кои ме опкружуваат. Деновите некако многу брзо поминаа. Додека да трепнеш почнавме да се пакуваме за дома. Колку што сакам да ги видам моите дома, толку не сакам да го напуштам ова убаво место. Од скоро секој агол на манастирскиот двор се гледа преубавото езеро. Наутро стануваме и одиме на Литургија. Откако таа ќе заврши, имаме час по музичко, по кој следи часот по Англиски јазик, а потоа имаме доручек, па така не ни е здодевно бидејќи денот е добро испланиран, а сепак, имаме и одмор. Во четвртокот, заедно со другите деца од кампот од Бигорски, бевме во градот Охрид. Најпрвин посетивме неколку цркви, каде ни кажуваа како тие настанале или, пак, по некој збор за Светецот на кој е посветена Црквата. Потоа имавме прекрасен ручек, па заминавме да пловиме со брод на Охридското езеро. Оваа наша посета на Охрид е поради 1000 годишнината на Охридската Архиепископија. Тука се запознав со нови девојчиња и станавме пријателки. Деновите ни поминаа преубаво, но како што спомнав и пребрзо“.

 

Никола Насевски, Пробиштип, 11 години: „За прв пат доаѓам на овој камп, благодарение на Господа и на отец Партениј. Јас за прв пат отидов на кај изворот со света вода, каде што се оди првиот петок после Велигден, а тој празник се вика „Источен Петок – Балаклија“, кого јас и моето семејство го славиме. Гледавме и цртани филмови за Библијата. Потоа, во четвртокот кога завршија Петровденските пости се причестивме. Исто така, отидовме кај црквата која се гради благодарение на Бигорскиот Манастир, потоа отидовме во црквата „Св. Илија“ во село Битуше. Најпосле, пред последниот ден отидовме во Охрид и таму ги посетивме црквите кои ми оставија голем впечаток. Во Охрид последно што правевме се возевме на брод и бев многу возбуден што не може да се опише со зборови. Најголем впечаток ми остави Бигорски Манастир што е неопислив со зборови. На овој камп јас си поминав многу убаво и пресреќно и секоја година кога би имало летен камп и јас кога ќе бидам слободен, секогаш ќе доаѓам со голема љубов“.