Втор Акатист

Радувај се, Владичице, огнообразна колеснице на Словото, духотворен рају, сред кој расте дрвото Господово на животот, чија сладост ги оживотворува оние кои со вера се причестуваат и кои на пропадливоста ѝ се покорени.

Од Благодарствениот канон на Пресвета Богородица

Водејќи нѐ во пресрет на неделата на проповедникот на Троичната светлина, Светиот Григориј Палама, Пречистата, Преблагословена, Превозвишена Владичица и Небесна Царица наша Богородица, со сладоста со која ги напои нашите души и ги стопли нашите срца, на вториот Акатист во нејзина чест, уште еднаш нѐ потсети дека низ подвизите на Великиот Пост, постојано е со нас и ги утврдува нашите сили. Особено го оросува со Божјата благодат и поткрепува нашиот возљубен Старец, кој сета своја надеж ја положил во нејзината неизмерна милост и кој на ова акатистно пеење, со посебно умиление и синовска љубов ги превознесуваше богомудро сотворените светоотечки пофалби кон Богомајката, возвеличувајќи ја како усрдна покровителка на човечкиот род.
Најпрекрасна химна ти пеат нашите срца грижлива Мајко, со своите нежни прегратки заштити нѐ од бурата на гревот, смирено приведи нѐ во подножјето на Христовиот Крст и научи нѐ со ова моќно оружје да го поразиме злото, осенувани од неговата непобедлива сила.