Со песни и торжество, со благодарности и славословија, Бигорски го слави богопрославениот Патрон, својот заштитник, закрилник и небесен застапник, Светиот славен и чесен Пророк, Претеча и Крстител Господов, Јован. Неговата чудотворна Бигорска икона и светите мошти во цветно украсениот храм излеваат благомирис и радост низ неговиот дом на падините од Бистра и ги напојуваат и успокојуваат душите на населниците и на поклониците. Порои од народ се слеаја во илјадалетното Светилиште на Свети Јован, за да му оддадат чест и пофалба, да го прослават, да му се помолат и да примат големи дарови од „земниот ангел и небесен човек“, чудесниот и чудотворен Крстител Господов. Монашките заедници, пак, под татковската грижа на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски и Игумен Бигорски г. Партениј, со најголема љубов и пожртвуваност се вложија во подготовките за прославата на „најголемиот меѓу родените од жена“, примерот и заштитникот на монашкиот живот и подвиг, гласот кој вика од пустината: „Покајте се!“ Со сеноќно празнично бдение нашата Свештена Обител го прослави громогласниот Проповедник Божји од реката Јордан, раката која Го покажа и Го крсти Јагнето Божјо, сечесната глава која беше отсечена за вистината.
Соборното празнично ликување беше збогатено со духовниот раскош од присуството на почесните и почитувани гости: претставникот од Вселенската Патријаршија во Константинопол, великиот свештенопроповедник на Великата Христова Црква, Архимандрит г. Панарет Псаравтис, нашиот долгогодишен пријател и брат од Црквата на Грција, Архимандрит г. Матеј Псомас, како и свештенопроповедникот на митрополијата на Воден и протопсалт Архимандрит г. Херувим Циноглу, кој со својот прекрасен хор ни го украси бдението со благодатното светогорско византиско пеење.
Длабокиот богосозерцателен тон и молитвениот благодарствен израз кон нашиот возљубен Свети Јован, на почетокот од бдението го даде нашиот сакан Старец, Епископот г. Партениј, со својата пригодна и особено вдахновена беседа:
Ваше Високопреподобие, почитуван Архимандрите г. Панарете, од Великата Христова Црква во Константинопол,
Ваши Високопреподобија, почитувани Архимандрити г. Матее и г. Херувиме, од православната Црква на братска Грција,
Сечесни отци,
Браќа мои монаси и сестри монахињи,
Возљубени верници и смирени поклоници на Чесниот Претеча,
Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа моја радост се исполни[1]. Вака говори гласот на оној кој вика во пустината на овој свет, нашиот небесен покровител и денешен славеник, Свети Јован Крстител, најавувајќи ја таинствената свадба на Младоженецот Христос со Неговата невеста Црквата. И нашата радост денес, исто така, се исполни, затоа што преку Вас, свет отче Панарате, нè посети благословот на Мајката Црква, Првопрестолната Вселенска Патријаршија. Се радуваме сите како нејзини чеда во едната вера христијанска и му упатуваме преку Вас топли благодарности на Таткото на сите Православни, големиот и Сесвет Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј, нашиот докажан добротвор, кој ја прегрна Охридската Архиепископија во заедништво со едната чаша Господова, со што ни даде рамноправна и рамночесна постојба на нашето црковно битие, во семејството на сите Помесни православни цркви.
Ова е вистина посјајна од светлината, како што се вистина зборовите и подвигот и животот на Светиот Пророк, Претеча и Крстител Господов, кој со своето маченичко страдање за Вистината, ни остави пример и завет неа да ја исповедаме, неа да ја сведочиме и, ако тоа се побара од нас – за неа да страдаме. Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи[2] – велат Божествените и слаткогласни усни на Спасителот Господ Исус Христос. Со овие слова, Он ја поставува Вистината како врховно начело на спознанието и на духовната слобода. Впрочем, самиот Он е персонифицирана Вистина: Јас сум Патот, Вистината и Животот[3] – вели Он во Своето свето Евангелие.
И токму на таа личносна Вистина, Која се воплоти и стана човек, за да го преобрази излажаното и заблудено човештво, Свети Јован ѝ беше пророк и предвесник. Затоа, Божествените Отци го нарекуваат и „Учител на Вистината“. Но, каде учел и научил толку многу овој пророк Божји, та и самиот да стане најпочитуван учител, кај кого оделе и учени и прости, угледни и незнајни, честити и грешни? Која школа ја беше завршил овој премудар гласноговорник на Словото Божјо? Се образувал, впрочем, во најстрогата и совршена школа, го завршил Универзитетот на пустината. Лишувајќи се себеси од сè што е земско и потполно очистувајќи го срцето од страсти и од секаква земна приврзаност, „пустинољубивата грлица“ слободно полета во пределите на Божјата мудрост, нацрпи знаење одозгора и на сите им Го возвести и покажа Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе![4]
Свети Јован, значи, стана тајник на Божјата наука и нејзин моќен предавач. Севкупното знаење што го стекнал во пустината, далеку од суетата на овој свет, откровенијата што ги добивал од беседењето со ангелите и неизмерниот опит од строгата аскеза и од молитвените созерцанија, тој го свел само на една едноставна, но моќна реченица со која го водел народот кон богопознание: Покајте се, зашто се приближи Царството небесно[5]. Покајанието, како главен мотив, и доаѓањето на Царството небесно, односно на Синот Божји на Земјата, како неспорна вистина, се суштината и праксата на Јовановата проповед. Покајанието – сфатено како преумување, промена на начинот на мислење; како премин на животот од темнина кон светлина, од меланхолија кон надеж, од очајание кон радост; и Царството небесно, односно живото присуство на Словото Божјо среде луѓето. Впрочем, „Учителот на вистината“, „земниот ангел и небесниот човек“, со овој свој краток и јасен исказ, темелно поткрепен со неговиот беспрекорен живот, истовремено се покажува и како проповедник на радоста во Господа, бидејќи каде што има покајание, таму доаѓа Царството, односно Царот Христос; а каде што е Христос – таму е и радоста. Токму затоа, кога Свети Јован Го виде Оној за Кого пророкуваше и Кого Го најавуваше, извика дека најпосле му се исполни неговата радост.
Од оваа гледна точка, Крстителот Господов ја развива теологијата на духовната радост, на ликувањето на внатрешниот човек, кое произлегува од близината, од другарувањето со Христа. Ваквото вишно богословие е, всушност, основата на христијанското живеење, па затоа и главната книга на христијанското откровение се нарекува блага, радосна вест, односно Евангелие. За нас монасите, пак, тоа богознание го претставува самиот наш живот. Покајанието и предвкусувањето на Царството на Бога, проповедани од „блискиот другар Христов“ – како што свештениот песнописец го нарекува Јована, се двете нозе со кои монахот секојдневно трча кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа[6]. Ете зошто личноста на Свети Јован се прикажува и дејствително е заштитник и неприкосновена парадигма на рамноангелското монашко жителство. „Чесниот Претеча“, вели блажениот Старец Георгиј Капсанис, „е првиот Монах на Црквата и прототип и образец за секој вистински Монах, и во подвигот, и во љубовта што ја имал кон Христа, но и во духот на жртвата според која се истакнуваше“. Па така, продолжува Григоријатскиот Старец, „постојано да го имаме пред очи него, та да добиваме храброст, вдахновение и сила, за да се подвизуваме и ние во нашиот секојдневен духовен и монашки подвиг“[7].
Следствено, возљубени мои монаси, монахињи и верници, да го прегрнеме примерот на љубовната саможртва за Вистината, што ни го остави милиот наш Свети Јован, и да поитаме кон благословената аскеза во име Божјо, за да вкусиме и ние од неискажливата духовна сладост и од неизречивата радост на Царството небесно, односно на Господа Христа, Кој Самиот е Царството на Мирот и на Радоста. Конформизмот, телесните наслади и удопството во кои живее денешното општество, делуваат разорно и целосно го опустошуваат духот на современиот човек, па затоа тој сè помалку го доживува чувството на внатрешната радост и дишењето во слобода, за сметка на рамнодушноста, меланхолијата и очајот. Овој факт го прави уште погласен повикот на Јована Крстителот за покајание, за урамнотежена аскеза, за плодоносна самодисциплина и за еден нов молитвен живот.
Ви посакувам добро бдение на сите, благодатни искуства и доживувања и гласот Претечев да одекне во пустината на нашите срца, та да постанат и тие оази на љубовта и на духовното веселие, во кои одмор и спокој ќе си наоѓаат душите на ближните наши.
Амин.
[1] Јован 3,29.
[2] Јован 8,31-32.
[3] Јован 14,6.
[4] Јован 1,29.
[5] Матеј 3,2.
[6] Филип 3,14.
[7] Αρχιμανδρίτου Γεωργίου, Ομιλίες σε Εορτές Αγίων (των ετών 1981-1991), Β’. Έκδ. Ι.Μ. Οσίου Γρηγορίου, Άγιον Όρος 2016, σελ. 270.
Во своето повратно обраќање, пак, Високопреподобниот Архимандрит. Панарет, кој допатува на нашето славје со група од педесетина словенојазични верници од Цариград, на наша голема радост и чест, ни го пренесе поздравот и благословот од Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј:
Преосвештен Епископе Антаниски г. Партение,
Сечесни отци и браќа на оваа Света Обител,
Браќа и сестри Христијани,
Дојдовме од маченичкиот Фанар, од Првопрестолната Црква Константинополска, за да го пренесеме татковскиот молитвен поздрав и патријаршискиот благослов на нашиот Вселенски Патријарх. Дојдовме да се поклониме, да богослужиме, да заедничариме од единствената Чаша, од едното Тело Господово. Пристигнавме со една славојазична парохиска заедница која во своето стадо вклучува Руси, Украинци, Грузијци, Молдавци, Кавкасци. А дојдовме тука затоа што знаеме колку е тешко да бидеш осамен и изолиран на едно место; дојдовме, значи, за да општиме заедно и на тој начин ни се дава можност да ве запознаеме, да нè запознаете и да ви посакаме многу години.
А како спомен за нашата посета, Ви ја принесуваме оваа енколпија, со желба да имате долгогодишно архијерејство во оваа Обител. На многаја и благаја лета!
Во продолжение, хорот при горенаведената парохија од Константинопол му испеаја многулетие на црковнословенски на нашиот Старец, кој срдечно им се заблагодари и ним и на почитуваниот отец Панарет, подарувајќи му архимандритски крст од илјадагодишнината на Бигорската Обител.
Што уште треба да кажам освен да спомнам општо за светата крв на сите апостоли, маченици и пророци, која на многу начини ја пролеале разни крвави убијци и која сега ја обиколува Земјата како богата река и ја гаси безбожноста? Таква беше и светата крв на Претечата и Крстител Христов, за кого зборуваме денес и која се излеа од неговиот свет врат како скапоцено миро што му благоуха на светот.
(Свети Теодор Студит)