Пресвета Богородица, утеха и спасение наше – Втор Акатист

Еве Тебе, Дево, Те повикувам, пристаниште биди ни нам расколебаните, и затишје на беспаќата бурни, и штит од секоја соблазна.

(Од Акатистот кон Пресвета Богородица)

Велика е славата на Мајката Божја. Велика и недостижна е нејзината неовоземна убавина за која Црквата низ сите векови пее химни и пофалби. Нема мера која ќе може да ја измери големината на нејзината мајчинска љубов кон нас, посведочена во сите оние мигови на борби и страданија. Оти живееме во свет кој трпеливо го очекува своето спасение и божествено просветлување, и во овој живот, честопати, од стрелите на лукавиот се ранети нашите души, а телата ни се изнемоштени од горки искушенија. Затоа умот и срцето брзаат да се доверат на Богородичната сигурна заштита, притекнувајќи во нејзината топла мајчинска прегратка. Тогаш, како да не се возрадува срцето, како да не воскликне устата, кога безброј пати биле услишани нејзините молитви за утеха на страдалниците, за исцеление на болните и поткрепа на малодушните?! Како да не ѝ се заблагодариме за нејзиното љубвеобилно застапништво, кога Таа има смелост да застане пред престолот на нејзиниот Син и наш Бог, Исус Христос, барајќи од Него да излее богата милост?! Затоа велиме дека Таа е Слава на човечкиот род, слава на Црквата ни Света, секогаш моќна и силна во својата закрила за верните кај Господа.

И ете, Бигорската, Рајчичката и Пречистанската Свештена Обител, во овие мигови на големи испитанија, ги упати своите сострадални молитви кон Пречистата наша Владичица Богородица, непоколебливо верувајќи во милоста на нејзиниот Син, да го заштити светот и луѓето што ги создаде, велегласно извикувајќи: „Оние кои неми беа, благоглаголиви постануваат, прокажаните се очистуваат, болните се исцелуваат, множествата на бесовите поразени биваат; Дево – спасение човечко“.