Таворски блесок на врвот Крчин

Четврта година по ред како нашето братство од Бигорскиот манастир и нашите сестринства од манастирите на Светиот Победоносец Георгиј и на Богомајката Пречиста, предводени од благословот на возљубениот ни Старец, Архимандрит Партениј, со најпосебна љубов и возвишени чувства отслужија Божествена Литургија на врвот Голем Крчин (2341 м). Повеќе од 600 верници – планинари, алпинисти, спортисти – притекнаа од сите страни на нашата земја за да се искачат на овој чудесен по својата убавина врв, и таму, во пресрет на празникот Преображение Христово, да се сретнат со Добриот Бог, Кој ги исполни нивните срца со двојна радост. Оти, да Му се служи на Бога на овие природни висини е особено длабоко искуство. Чиниш, се соединуваат небото и земјата и заедно ликуваат, вознесувајќи Му благодарност на Бога за големите добрини со кои Он ги исполнува нашите души. Божествената, пак, енергија на љубовта и веселото духовно расположение, кое извираше од самата богослужба, веруваме ќе придонесе за ова необично искуство уште долго да се прераскажува. Навистина беше прекрасно да се види големиот број на причесници, кои за својот необичен подвиг примија обилен благодатен благослов. Бог нека ги просветли нивните срца, та сите да Го познаат во Неговата возвишена љубов; а љубовта е солта на земјата, љубовта е одговор на сета горчина, таа прави се’ да биде исполнето со длабока и божествена смисла.

И кога зборуваме за љубовта, не можеме, а да не си спомнеме за пожртвуваноста со која се истакнаа членовите на „Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид“, како и на членовите на Црвениот крст од Битола, кои се погрижија за безбедноста на огромниот број на присутни. Не помалку важно беше и учеството на водичите од „Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина“ (МАИВП) и од „Федерацијата на планинарски спортови на Македонија“ (ФПСМ), чија што професионалност и поддршка, беа од особено значење за добрата организација на оваа молитвена рута. Искрено им благодариме и Го молиме милостивиот Господ, со силата на Својот Свет Дух, да ги исполни нивните срца со небесна радост и да го умножи плодот од нивните трудови, та секогаш да бидат исполнети со сила одозгора, која и те како им е потребна во предизвиците со кои постојано се среќаваат.