Теодоровото Коливо и Првиот Акатист

Радувај се, заштитнице од невидливите непријатели; Радувај се, ти која ги отвораш рајските двери! Радувај се, цврста поткрепо на верата; Радувај се, светло познание на благодатта! Радувај се, трајна уста на апостолите; Радувај се, непобедлива смелост на мачениците

 

(Од Акатистот на Пресвета Богородица)

Тесна е и неискажлива благодатната поврзаност меѓу милостивата мајка на нашиот Бог и мачениците кои храбро умирале заради непоколебливата вера во нејзиниот Син. Хранет и поткрепуван од Богородичното мајчинско милосрдие и од верата во Оној Кој преку нејзината утроба дојде да го спаси светот, Светиот Теодор храбро Го исповедаше Христа пред поклониците на лажните идоли, и не се плашеше да влезе во пламенот на огнот и прими смрт за таа своја вера во Него. И токму овој храбар воин, кој уште во III век се приброи кон мачениците, беше избран од Божјата промисла да го спаси верниот народ од злобата на Јулијан отстапникот и неговите нечестивите и мрачни намери во првата недела од Великиот Пост да ги оскверни Христијаните со храна извалкана од идолски жртви. Затоа славејќи го него, во оваа прва сабота од великата Четириесетница, со коливо во негова чест си спомнуваме за тоа благородно дело, во пресрет на победата на Православието.

А како што замира денот, полека тоа празнување преминува во радосно ликување во слава на Богородителката наша, која уште од првиот ден на Посното патешествие е наша таинствена сопатничка, невидливо ги вдахновува сите наши благородни покајни чувства, ги поткрепува духовните сили и нѐ подготвува за своевидно доброволно мачеништво низ посниот подвиг. Првиот Акатист кон Пресветата, преблагословена, премилостива и преслатка утеха наша – славната Небесна Царица Богородица. Со какво умиление се излеваат од душата тие прекрасни пофалби со кои благодарно ја воспеваме онаа која е наша заштитничка од невидливите замки на непријателот и благодатна лествица преку која се искачуваме на Небесата. Храмот блеска од сјајот на нејзината слава, цветно украсената икона ја одразува нејзината неземна убавина, душите се полнат од сладоста на умилителните стихови: Радувај се, Невесто Неневесна!

О, ти која си сештедра дарителка на добрини и која на овој прв Акатист во нашите Обители милостиво измоли за нас преизобилна Божјата благодат и толку силно ги трогна нашите срца, биди постојано со нас во сите денови на оваа Свештена Четириесетница, води нѐ по морето на духовната борба со стариот човек, кој се распаѓа во своите похоти, и безбедно изведи нѐ на брегот на Светата Пасха, каде нѐ чека радосно ликување во прегратките Христови.