Велики Вторник

Да Го возљубиме, браќа, Младоженецот, светилките свои да ги украсиме, светлејќи со добродетели и со вистинска вера; та како мудрите девојки Господови, подготвени да влеземе со Него во свадбената одаја, зашто Младоженецот, како Бог, на сите за дар им дава венец непропадлив.

(Седален од Утрената на Велики Вторник)

За човечката душа нема попрекрасен и потрогателен период од Страсната Седмица. Во неа Црквата, преку своето богато богослужбено искуство, ни ги предава најважните историски настани кои се случија заради нас, луѓето. Секој ден нѐ поврзува со споменот на последните мигови од Христовиот живот на земјата, но нѐ потсетува и на онаа потресна драма, што многу често се одигрува во секого од нас, оставајќи траги врз нашиот живот и спасение. Зашто, со секој поминат миг, сè повеќе сме свесни дека она што Господ го изврши тогаш – страдањето, смртта и воскресението – има сила да ги раздвижи нашите закоравени срца, да го разбуди нашиот ум од гревовниот сон во кој западнал и да чуе како Бог му шепоти на секое човечко срце, кажувајќи му многу јасна и едноставна мисла: „Сето ова го направив за тебе“. Само за неколку дена ние одново духовно ќе ги преживееме Неговите Страданија, ќе учествуваме во погребението на од Крст симнатиот наш Спасител.

Вака Светата Црква нѐ води низ овие недостижни таинства и низ умилителните стихири нѐ подготвува за средба со нашиот Воскреснат Христос, велејќи ни: Мрзливоста далеку од нас да ја отфрлиме и со запалени светилки, бесмртниот Младоженец – Христа, со пеење да Го сретнеме. Овој Велик Вторник нека се исправи срцето наше и целото наше битие мислено нека пребива со Господа во Ерусалим. Ете вчера ги скрушивме нашите срца пред ликот на Младоженецот, го пофаливме воздржанието Јосифово од блудната соблазна, спомнувајќи си и за неплодната смоква. Денес, пак, ја величаме чистотата и будноста на петте мудри девојки и подобно на нив ја просиме милоста и љубовта Божја – елејот на добродетели – за да ги осветлува срцата наши. Трепериме и пред сознанието за неразумноста на другите пет девојки, кои поради мрзливоста останаа надвор од брачната одаја. Оваа парабола е навистина силен потсетник за будноста, и сите нас, во овие последни мигови, нѐ потсетува да побрзаме и на Бога, барем искрено покајание да Му принесеме. Оти други добри дела немаме! 

Спомнувајќи си за сето ова, многубројниот верен народ што во овие најсвети денови пристигна во Бигорскиот храм, како елеј го излеваше своето бескрајно благодарење пред Бога за подарената прошка. Свесни сме дека не ја заслуживме! Затоа, смирено и со трепет во срцата гледаме во прекрасниот лик на нашиот предобар Господ и Му благодариме за оваа огромна добрина. Зашто, секој од нас ја носи болката поради тоа што и сега, дваесет века подоцна, со своите гревови, истото Му Го правиме на Христа.

Господи, нам кои неизмерно Ти згрешивме, богато прости ни. Дај ни да се облечеме во облека на чистота и духовна радост, помогни ни елејот на милосрдието и другите добри дела, да го налееме во светилниците на душите наши и удостој нѐ неосудено да се поклониме на Твоето свето Воскресение, по молитвите на Твојата Пречиста Мајка, единствен Многумилостиве.