(Видео) Пофалба за Онаа од Која изгреа радоста – Четврт Акатист

О, многувоспевана Мајко, ти си Го родила најсветото Слово меѓу сите Светии! Прими ги овие наши молби, избави нѐ од секаква напаст и ослободи нѐ од идните маки нас кои пееме: Алилуја.

(Кондак 13 од Акатистот на Пресвета Богородица)

Сета историја на Црквата е исполнета со чудодејствата на Мајката Божја. И сета нејзина мајчинска милост и љубов излеана кон родот човечки, опеана е во многубројни песни и химни, кои верните секојдневно ѝ ги принесуваат. Во неа секоја душа одмор наоѓа, во нејзината љубов сечие срце се утешува Затоа непрестајно ѝ пееме: „Радувај се, ти го подготвуваш пристаништето за душите. Радувај се, преку тебе во слава се облековме. Радувај се, ти си почеток на нашето спасение“. Оти навистина, Оној Кој од утробата нејзина пречиста произлезе, нашите битија од гревот и страстите во купелот крштален ги изми, та со небесна слава и достоинство нѐ овенча, за наследници да станеме на рајските блаженства. Брзаме сега сите венци од пофалби да ѝ сплетеме, итаме пред овој Столб неразрушлив на Црквата, со чијашто помош знамето на победата се издигнува. И гледајќи во нејзиниот мајчински лик, во прегратката умилно ѝ паѓаме – прегратка која најтопла ни се покажа: „Радувај се, светило на Светлината што не заоѓа… Радувај се, од тебе изгрева многусветлата просвета… Радувај се, од тебе ќе изгрее радоста… Радувај се, преку тебе сета твар се обновува“.

Таинствена е оваа петочна ноќ којашто ја слави духовната Палата на Бога. Таа, чистата и непорочна Дева, доаѓа да го посети секое срце што со вера ѝ се обраќа. Токму затоа и нашите Обители, украсени со облека од скрушени молитви исткаена, свечено се собраа околу прекрасните изобразби на Онаа Која сите во својата мајчинска прегратка ги собра и срдечни прозби ѝ принесоа за целиот народ што од Неа милост бара.

Богородице, Хранителко на целиот свет, покажи ја својата мајчинска милост кон родот човечки и нахрани го со сили божествени верниот народ, кој сега пред Тебе молитвено стои и топло ти воскликнува: „Радувај се, Невесто неневестна!“