Задушница, или спомен за оние кои умреле, но се живи во Христа

Во своето неодамнешно интервју, нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, говорејќи за многу суштествени нешта, меѓу другото за смртта ќе се искаже вака:

„Оваа страшна состојба на човекот (т.е. смртта) со тага ја почувствувал и Богочовекот Господ Исус Христос, кога заплакал над Својот пријател Лазар, кој веќе четири дена бил во гробот и неговото тело веќе почнало да ги чувствува последиците од смртта. Плачејќи над него, Христос плачел над секој човек, создаден за бесмртност, а потонат во смртност. Плачот Христов е најсилен доказ за трагичноста во која западнал родот Адамов. Но, со Своето неискажливо вочовечување, со спасителното страдање и со животворното Воскресение, Синот и Словото Божјо, ‘со смртта смртта ја победи’, и заедно со Себе го воскресна и паднатиот Адам, односно секој човек. Времето на книгите за смртта заврши и се исполни времето за Книгата на живите. Христос не е само живот, туку и вистина. Тој е отповик на светот од лагата, во која го беше фрлило разделувањето од Бога, односно смртта. Смртта се покажува како спротивност не само на животот, ами и на вистината. Затоа вистинскиот живот не е оној биолошкиот, туку личносниот однос со Бога. Оној кој се соединил со Христа, преминал од смрт кон живот. Најнапред со душата, а потем, при Општото Воскресение, и со телото, кога телата на сите покојни ќе бидат пресоздадени и преобразени, воскреснати од распадливоста, за да се појават на Судот. А, Христовото Воскресение е, несомнено, најсигурниот и најдокажан факт во историјата на човештвото“.

Во Христа, значи, не постои смрт. Он ја победи смртта и претвори во Свое орудие за спасение на душите. Тоа значи дека оние чиишто тела биолошки умреле, во суштина не се мртви, туку душевно живи. Ете зошто уште од самите почетоци на христијанската црква, апостолско предание е молитвеното спомнување на упокоените во Господа отци, браќа и сестри. Сведоштво за ова наоѓаме во древните свети Литургии, кои се служеле и сè уште се служат во православната Црква. Сите тие содржат во себе молитви за упокоените. А тоа несомнено ни покажува дека уште од добата на Апостолите, кои на светата Црква богоподобно ѝ го предале чинот на Божествената Литургија, немало време во кое Христијаните не се молеле за своите упокоени ближни, и тоа при извршувањето на најважното од сите богослуженија – Литургијата. Св. Григориј Нисиски поучува: „Ништо неразумно, ништо бескорисно не ни предале Христовите проповедници и ученици, а да не е прифатено насекаде во Црквата Божја. Да се прави спомен за упокоените во правата вера за време на божествената и преславна Тајна е многу богоугодно и корисно дело“.

Така, Светите Отци нè поттикнуваат секогаш да се молиме и да правиме добри дела за покој на душите на починатите, но тие богомудро издвоиле неколку денови во годината – задушници, кога правиме посебен, заеднички молитвен спомен за сите упокоени во вистинската вера, од прататкото Адама, па сè до денес.

Следејќи ја оваа благочестива заповед на нашите Отци, Бигорската Света Обител, собрана околу својот Старец, Епископот г. Партениј, во оваа Митровденска задушница молитвено си спомна за душите на своите благочестиви ктитори, градители, монаси, благоукрасители, помагатели, поклоници и за сите од веки упокоени Христијани, коишто си заминале од овој свет со вера во Воскресението и надеж во вечниот живот.

Упокој ги, Боже, слугите Твои и во Рајот всели ги, каде што е соборот на Твоите светии, Господи, и каде што праведниците светат како светила: починатите слуги Твои упокој ги, превидувајќи ги сите нивни прегрешенија.