Во тајните на духовното возрастување преку детската љубов кон Христа

Ништо поубаво и почисто нема од живата детска вера во живиот и семилостив Бог. Незлобливите детски души, недопрени од скверните на овој свет и запазени од Божјите ангели од секаков грев, непоматено го чувствуваат присуството Божјо, и љубовта и грижата Негова, и славата на Царството Негово. Тоа и Спасителот наш го посведочи, кога зеде деца на пречистите раце Свои, па пред множество народ ги благослови и рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е Царството небесно(Мк. 10, 14). И кој нема да се радува кога ќе види како тие душички, исполнети со најискрена љубов кон Христа, ќе потрчаат во храмот Господов, во дворовите од домот на небесниот Отец? Тогаш тие навистина знаат дека се во домот на нивниот небесен Татко, и безмерно се радуваат, и на Христа непремолчива слава Му принесуваат.

Во рамките на Бигорската мисија за евангелизација на најмладите, деновиве, на иницијатива на благочестивите наставнички Десанка Спировска и Бранка Анчевска, заедно со благочестивите родители на децата, манастирот им беше домаќин на дваесетина младинци од Скопје. Децата со воодушевувачки ентузијазам се запознаа со основите на нашата православна вера, како и со духовните убавини на манастирот, земајќи удел во неделната воскресна богослужба и во монашкото секојдневие. За нив ова беше една прекрасна и несекојдневна можност малку подлабоко да навлезат во тајните на духовното возрастување, кое единствено може да им даде одговор на прашањата и предизвиците што најчесто се поставуваат пред нив.

Се надеваме дека овие два прекрасни дена, поминати во мистичниот амбиент на Бигорскиот манастир, ќе им бидат едно драгоцено искуство во понатамошниот стремеж да дојдат во допир со вистинското богатство на нивната личност.