На 103-годишна возраст почина дедо Добри, праведникот од Бајлово

Извор:

Денес, 13 февруари 2018 г., на 103-годишна возраст се престави во Господа дедо Добри, „праведникот од Бајлово“.

Дедо Добре Добрев

Столетниот бесребреник Добре Добрев е роден во 1914 г. во село Бајлово, Софиско. Татко му загинува во Првата светска војна, а мајка му сама ги одгледала децата. Дедо Добри има четири деца, од кои две ги надживува.

Години наназад тој собираше пари во притворот на храмот „Св. Александар Невски“, каде што вообичаено се црквуваше, како и во некои други храмови од бугарската престолнина. Надворешниот му изглед, како на херој на Елин Пелин од други времиња, го привлекуваше вниманието на луѓето, а откако се разбра дека старецот ги подарува сите собрани средства на храмови и манастири, тој стана исклучително популарен.

Дедо Добри собрал и дарувал некаде над 80 000 лева: на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во родното си село, на Елешнишкиот манастир, на црквата во Калофер, а во 2009 г. дарува 35 700 лева на храмот „Св. Александар Невски“, коешто е најголемото дарение од приватно лице в историјата на овој храм-паметник. Небараната „слава“ му тежеше на дедо Добри. Неговото нестјажание, аскетскиот начин на живот, неговата добротата, станаа причина луѓето да го нарекуваат „светецот од Бајлово“. Неговата популарност излезе надвор од границите на Бугарија и статии за него се појавија и во странски медиуми.

Од Кремиковскиот манастир соопштија дека неговото тело ќе биде изложено за поклонение во црквата во село Бајлово оваа вечер. Храмот ќе биде отворен цела ноќ. Утре ќе биде отслужена заупокоена Света Литургија и поклонението ќе продолжи во текот на целиот ден. Погребението ќе биде на 15 февруари.

Дедо Добри многу Го љубеше Спасителот Христос. Бог да го прости и да го прими во населбите на праведните!