(ВИДЕО) Престолниот празник на Вселенската патријаршија

Извор:

Денес, 30 ноември 2022 година, во Сечесниот патријаршиски храм на свети Георгиј Победоносец во Фанар, беше отслужена Патријаршиска и Синодска света Литургија, во спомен на светиот апостол Андреј Првоповикан, престолниот празник на Мајката Црква Константинополска.

На Божествената Литургија, на која се изврши и ракополагање на ѓакон, чиноначалствуваше Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, кој во својата беседа, по пореден пат, ја осуди злоупотребата на верата за воени цели.

Неговата Сесветост, помеѓу другото, карактеристично рече:

„Кога се проповеда омраза, насилство и раздор, тогаш се осквернува Божјото име. За жал, и денес сме сведоци за тоа како религиозната вера може да биде злоупотребена за да ја оправда војната и употребата на насилство. Катастрофалната војна, која е во тек во Украина, помеѓу братски христијански народи, кај нас предизвикува длабока жалост и претставува голем предизвик.

„Во контекст на овие неприфатливи настани, актуелно е да се потсетиме дека Светиот и велик собор на Православната црква (Крит, 2016) ја осуди војната, објавувајќи дека Црквата на Христа генерално ја осудува војната, која ја смета за последица на злото и гревот во светот. И дека Православната црква силно ги осудува разновидните судири и војни, коишто се должат на фанатизам што доаѓа од религиозни начела.

„Соборот на Крит потцрта дека мирот Христов е еден зрел плод на Неговото оглавување на сите, на истакнувањето на достоинството и величието на човековиот лик како образ Божји, на прикажувањето на органското единство на човечкиот род и на светот во Него, на соборноста на начелата на мирот, слободата и општествената правда и, на крај, плодоносие на христијанската љубов помеѓу луѓето и народите на светот.

„Во овој дух, Соборот објави дека Православната црква го смета за своја обврска тоа да го врши сето она што практично му служи на мирот и го отвора патот кон правдата, братството, вистинската слобода и взаемната љубов меѓу сите чеда на едниот небесен Отец, како и помеѓу сите народи, кои го сочинуваат единственото човечко семејство“.

Извор и фото/видео: Φως Φαναρίου