Јубилејна Литургија во с. Гари

Славна е историјата на мијачкото племе од нашиот славјано-македонски народ и многу страници со неа се испишани. Векови по ред, во темната ропска епоха на османското иго, „првите искри на националната пробуда во македонската земја светнаа од спокојните кандила во планинските пазуви на Дебар, Дримкол и Река“. Најпросветлените народни будители, славните учители и просветители од времето на Преродбата, најголемите и досега ненадминати неимари, зографи, кујунџии, копаничари, уметници, потекнувале од мијачкиот крај; и до ден денес нивните дела говорат за високата духовна и материјална култура што ја имале, за богатството на духот што го поседувале, за живата вера во Бога со која живееле… Еден од тие споменици што сведочат за таа сестрана надареност и посветеност кон Бога на мијачкиот род, е и храмот на Успението на Пресвета Богородица во с. Гари. Изградено во 1860 година, а зографисано и осветено во 1866 од славниот Дичо Зограф од Тресонче, ова прекрасно црковно здание и украс на преродбенската архитектура, беше причината за денешното големо торжество во Гари. Имено, по повод 150-годишниот јубилеј од осветувањето и зографисувањето на храмот на Мајката Божја, а во чест на Успението на Пресвета Богородица и на преподобниот отец наш Јоаким Осоговски, чијшто спомен го славиме, беше отслужена празнична утрена богослужба и Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со нашиот Старец, Архимандрит г. Партениј, протојерејот Никола Христовски, бигорските јеромонаси Макариј, Ефросиниј и Кирил, дебарскиот свештеник Миле Ангелковски, протоѓаконот Николче Ѓурчиноски и јероѓаконот Анатолиј. Убавината на светото богослужение ја збогати и прекрасното византиско пеење на хоровите на Бигорската и Рајчичка Свештена Обител.

Голема беше радоста на присутните гарчани што во нивното село се случува толку значаен настан. Нашиот Митрополит, пак, се погрижи и за нивно духовно надѕидување, беседејќи им за возвишената борба и издигнување во божествените добродетели на преподобниот Јоаким:

„Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Денеска прославуваме еден од големите подвижници кој се појавил на македонското тло, преподобниот Јоаким Осоговски. Овој Божји угодник се подвизувал во втората половина на XI век на Осоговските планини. Св. Јоаким го поминал севкупниот свој живот во една духовна борба. Во борба, во која ги победувал човечките слабости, измолувајќи сила и крепост од Господа.

Знаеме дека човекот е психосоматско битие, односно, постои со тело и душа. Едното е видливо и материјално, а другото е духовно. Помеѓу нив постојат спротивставувања. Телесното тежнее кон материјалното, односно, земното, пропадливото, страсното, гревовното и слично. Додека, пак, душата, кон возвишеното, светото и божественото. Во овој дуализам постои духовна борба и кој од овие елементи ќе преовладее, таков живот ќе живее еден човек. Божјите угодници се луѓе кои во оваа духовна борба извојувале победа и успеале материјалното и распадливото, преодното и гревовното да го заменат, односно, да се откажат од него и да посветат внимание на спротивното, односно, на духовното и светото.

За да се постигне оваа цел, или, за да се добие оваа битка, самиот човек, колку и да е силен, без Божјата помош нема да може да ја оствари зададената цел, односно, спасението на душата. Како што вели св. ап. Павле: „Сè можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи“ (Филип. 4, 13). Кога благодатта Божја ќе се излие врз еден човек, тој многу полесно ги пребродува и ги победува сите страсти, слабости, гревови и ги надминува препреките, сечејќи го гревот во себе уште во коренот. „Горделивоста е почеток на гревот“ (Мудр. Сир. 10, 15). Гордоста Му е одвратна на Бога, и Бог, во срце горделиво не се вселува. Ако човекот ја победи оваа страст, тој постанува смирен, незлоблив, чесен, покаен, им опростува на своите блиски, се кае за своите слабости, не осудува никого, и така, дозволува Бог да се всели во неговата душа. Преку благодатта Божја тој делува и се изградува на духовен план, издигнувајќи се до небесните височини. Подвижништвото е тежок и макотрпен пат преку кој се обезбедува благодатта Божја. Таа, пак, како што кажавме, ни дава сила да можеме сите стрели упатени од нечестивиот да бидат пресретнати и одбиени. Подвижниците се откажале од сè од овој свет. Се откажале од храна, обувки, облека, од роднини и пријатели, од слави и од почести. Севкупниот свој живот го насочуваат да бидат само Христови, да го исполнуваат законот Божји и да спечалат благодат Божја.

Еден од таквите Божји сосуди, врз кого обилно се излила Божјата благодат е и св. Јоаким, Осоговскиот Пустиножител и Чудотворец. Иако се поминати скоро десет векови, св. Јоаким, благодатта што ја добил додека бил ангел во тело, како што пееме во неговиот тропар, тој и денес обилно ја раздава на сите верници од неговиот свет гроб и од неговите свети икони. Ја раздава на сите кои со вера, набожност и страв Божји му се обраќаат и бараат поткрепа и помош за надминување на сите искушенија и страдања кои нé снаоѓаат во нашиот живот.

Прославувајќи го неговиот свет спомен, да му се обратиме со искрена молитва, тој нека се застапува со неговите свети молитви пред престолот на Севишниот. Да ни ја утврди верата за да можеме да ги надминуваме сите наши препреки кои нé оддалечуваат од Христовиот пат. Па да измолиме милост Божја и благодатта Негова да се излие врз нас, па да можеме да се надеваме на спасение на нашите души, сега и во сета вечност.

Драги браќа и сестри, ние, денеска, одбележуваме и еден редок јубилеј на овој свет храм. Поточно, одбележуваме 150 години од фрескоживописувањето на црквата „Св. Богородица“ во с. Гари. Вашите предци имале голема вера. Во едно тешко и мачно време се погрижиле да го изградат овој свет храм и да го посветат на мајката Божја. Но, покрај оваа прекрасна архитектонска целина, тие се погрижиле и да го ангажираат најдобриот уметник на своето време, вашиот соселанец од Тресонче, Дичо Зограф. Овој наш голем и незаменлив мајстор на бои ги фрескоживописува ѕидовите на овој свет храм. За одбележување е што ова е последен храм во Реканскиот крај, каде што Дичо од Тресонче ќе фрескоживописува. Но, за жал, во подоцнежниот период, овој фрескоживопис ќе биде пресликан од Папрадишки, а со тоа ќе го изгубиме оригиналното дело на големиот мајстор. По овој повод, би сакале да им искажеме топла благодарност на вашите предци за овој голем зафат и да се помолиме за упокоение на нивните души. А вам, пак, како на црковен одбор и жители на Гари, да ви посакаме крепко здравје, силна и непоколеблива вера, за да ги одржувате црковните и народни традиции во вашиот храм. А мајката Божја нека биде наша заедничка заштитничка и помошничка, та сите препреки и искушенија полесно да ги пребродуваме и да Го славиме името на Отецот и Синот и Светиот Дух, а по молитвите на св. Јоаким, така нека биде. Амин!“

После завршувањето на Литургијата, пак, претседателот на црковниот одбор при с. Гари, г. Иван Кузмановски, од името на сите гарчани, длабоко им се заблагодари на Митрополитот Тимотеј и на нашиот игумен, о. Партениј, со братството и сестринство, што ја збогатија нивната слава. Кузмановски, кој заедно со нашиот Старец, беше главниот иницијатор за денешното торжество, во својот говор даде краток историски оглед за успенскиот храм, при што нагласи дека жителите на с. Гари „со сопствени раце и средства ја граделе и опремувале оваа црква“.

Во продолжение се обрати и познатиот историчар на уметноста, г. Сашо Цветковски, специјалист за делото на Дичо Зограф, кој истакна дека овој јубилеј има, навистина, големо значење. Всушност, денешната прослава, додаде меѓу другото г. Цветковски, не се однесува само на зографската работа на Дичо, туку во себе ги вклучува и сите ктитори, градители и побожни гарчани што на било каков начин придонесле за изградбата и благолепието на храмот.