Велика Сабота

Си слегол во долните места за да исполниш сѐ со Твојата слава. Од тебе не се сокри мојата падната природа во Адама. Но погребан ме обновуваш, мене изгниениот, Човекољупче

Од Канонот на Утрената на Велика Сабота

Се наоѓаме во тишината на преблагословената Сабота, во која Господ отпочина од трудовите Свои. И сета Вселена е во некаков трепет. Телото Негово сега почива во гробот, а со душата која блеска во божествена слава, Он слезе во адот и ја разори адската темнина, стави крај на таа страшна богооставеност. Ангелите се поклонуваат на Бога, Кој однесе победа над сите стравотии на нашата падната природа: над гревот, злото, смртта, одвоеноста од Бога… И сега со трепет го чекаме оној миг кога до нас ќе дојде победоносната вест за Воскресението Христово, кога ќе го слушнеме овде на земјата Оној што веќе силно одекнува во подземјето и што со оган ги осветли Небесата. Христос ја постигна Својата победа, сѐ е веќе извршено, ни останува само заедно со сета твар да влеземе во таа светлозрачна победа, во таа радост, во тоа преображение на светот. Таа радост ќе исполни сѐ и неа ниту животот, ни смртта, никој и ништо не можат да ја оттргнат од нас, бидејќи Вечниот Живот Кој заблеска од гробот ни е даден во веки. Светата и Велика Сабота е ден кога Господ отпочина од делата Свои, откако го создаде светот и човекот и го воведе него како цар на Вселената. И во истиот ден Он го заврши делото на нашето спасение. Оваа Сабота е благословена, во неа е сокриена победата и молкот пред тајната на Бога Кој стана човек: „Да молчи секоја плот човечка и да стои со страв и трепет и ништо земно да не помислува…“ Никој не говори така како што ни зборува сега Христос со Своето молчење, и доколку го слушнеме тоа молчење Божјо, ќе ни биде дадено да дознаеме за Неговата победа која веќе се изврши. Таа им се дава само на верните кои Го следат Христа кон Голгота и стојат покрај Неговиот Чесен Крст.

И еве сега победата им се открива на богокопнежливите души присутни во Бигорскиот манастир, што во големо мнозинство со свештен трепет стојат пред раскошно украсениот цветен епитаф. И не само ним, туку и на сите оние кои вечерва како реки ќе се слеат во манастирот, и кои во овие свети денови одеа чекор во чекор со Господа и трогнати од секој стих на овие неповторливи песнопенија на Црквата, со сета љубов во своето срце длабоко ги доживеаја Страдањата Господови. Сега тие го слушаат победничкиот глас на прекрасните стихири кои објавуваат дека Христос слегува во адот, го исполнува со Своето присуство и го уништува до крај. И веќе им се дава да почувствуваат до дното на душата дека она што се однесува на адот, се случува и со нивниот грев. Ја чувствуваат светлината Христова која ги пронижува нивните срца. И Бигорскиот храм блеска со своето белило. Господ со Својата светлина изгонува секаква темнина, и веќе нема мрак за оние што одат по Господа. А таа светлина којашто на посебен начин го исполнува храмот денес, е отсјај на Оној Кој сега со Својата преобразувачка светлина слегува во адот. На таинствен начин и нам ни се случува она што постојано го слушаме во покајниот псалм: „Очисти ме, и ќе бидам побел од снег“. Побели од снег стануваат душите на сите присутни во храмот, кои откако го поминаа постот со покајание, сега земаат учество во она што го изврши Господ. Ете тоа е белината и светлината на оваа света и благословена Сабота. И сите во еден здив чекаат таа белина да расцути во разнобојното Пасхално ликување.