17588

Пасхална литија и монашко-родителска средба во Пречиста

Четврток од Светлата седмица. Манастир Пречиста, Кичевско

Небесата достојно да се веселат, земјата да се радува, да празнува сиот свет – видлив и невидлив, зашто Христос воскресна, вечното веселие

Од 1-та песна на Пасхалниот канон

ветлозарната и Божествена радост од Воскресението на Спасителот нè повикува на секојдневно славословење и торжество, вознесувајќи го нашиот душевен поглед кон рајското веселие. Вчера таа воскреснувачка благодат повторно ги собра нашите монашки заедници од Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино, на соборно пасхално славење, овој пат во Обителта на Царицата Мајка во Кичево. Па така, со архипастирски благослов на нашиот многупочитуван владика, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тимотеј, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, отслужи Светата Литургија во велелепниот пречистански храм, во сослужение со браќата јеромонаси и со молитвено учество на бројните верни што допатуваа во Манастирот нарочно за оваа прилика. Божествената Евхаристија уште еднаш ни ги отвори прозорците кон небесното празнување на„Пасхата Божја, спасителна“. Понесен од величието на воскресната благодат, нашиот духовен татко ги сподели со сите нас своите вдахновени размисли за денешното евангелско четиво:

„Возљубени браќа, сестри и чеда, мили наши родители и роднини, Христос воскресе!
Би сакал најнапред, од името на сите нас, длабоко да ѝ се заблагодарам на старешинката на оваа Света Обител, сестра Харитина и на нејзиното христоподобно сестринство, што нè поканија да отслужиме Света Литургија во оваа Светла Седмица, кога имаме причина неизмерно да се радуваме во воскреснатиот Господ. Особено, пак, ѝ благодариме за изненадувањето што ни го приреди – имено, што ги повика да дојдат овде родителите и родните на повеќето од монасите и монахињите.

Св. Јован Претеча им Го покажува на учениците Јагнето Божјо

Несомнено по Божја промисла, денес се прочита токму Евангелското зачало кое ни соопштува за објавата на Свети Јован Крстител пред неговите ученици за Христа Спасителот: Еве Го Јагнето Божјо (Јован 1,36). Мисија на Светиот Претеча била да го подготви Израилот и да го упати кон Христос, долгоочекуваниот Месија, Кој, секако, бил поголем од Јована и за Кого тој велел: Он е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови (27). Иако учениците многу го почитувале Свети Јован, сепак, тој како вистински учител испратен од Бога, не ни помислил да ги задржи при себе, туку ги упатил кај врховниот Учителот над учителите, во Кого е самото спасение. Затоа евангелистот Свети Јован Богослов нè известува: Кога ги чуја од него (т.е. од Јована) тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса (37).

При овој евангелски настан остава силен впечаток прашањето на Јовановите ученици кон Христа: Рави (што значи – Учителе) каде живееш? (38) Он им одговорил: Дојдете и видете. Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него (39). Бездруго, домот во кој живеел Христос на земјата не било нешто особено привлечен. Неговата куќа не била некоја царска или благородничка палата, што би ги привлекла учениците со својот материјален сјај и величие, па да би можеле да кажат: „Еве човек силен на земјата, кој живее во палата, има голема војска, власт и моќ, затоа ќе тргнеме по него“. Напротив, тоa билo крајно сиромашен дом; знаеме дека и праведниот Јосиф и Пресвета Дева Марија биле сиромашни луѓе од Назарет. Меѓутоа, кога учениците Го виделе Господа, во нивните срца почувствувале некаква необична духовна сила и привлечност; на некој необјаснив, таинствен начин им се открило дека Оној Кого Го посочила раката на нивниот учител е Царот над царевите, чии се небесата и земјата и Кој со своето семоќно присуство ја исполнува сета твар. И ете, Оној Кого не може да Го собере ни целата вселена, сега одеднаш Го прашуваат каде живее! Учениците на Свети Јован го направиле тоа затоа што веќе биле уловени од пламенот на Неговата Божествена љубов и сакале по секоја цена да Му се придружат. И оттогаш неотстапно Го последувале до крајот на своите животи, а денес се насладуваат со Него во вечната радост, каде постојано се молат за нас и ни помагаат.

Мислам дека денешното Евангелие им го дава одговорот и на нашите родители, кои некогаш и самите беа во недоумица, па и негодување, за тоа, што бараме ние во за нив тогаш, можеби, непривлечните и запуштени манастири. Впечатливо е и тоа што сите нас, монасите и монахињите, нè повикал токму Свети Јован Крстител, бидејќи на сите нас призивот за апостолски монашки подвиг сме го примиле во неговиот дом – Бигорскиот Манастир. Повторно засветли од Бистра тој Светилник на покајанието, и сите ние го послушавме во срцата свои гласот негов: Еве Го Јагнето Божјо! А кога некому во срцето ќе му се објави Спасителот премилостив, Тоа Јагне Божјо, Кое ги зема гревовите на светот, тогаш човек станува незапирлив во желбата да Го последува. И колку богатства и да има на овој свет, каква сè не положба, власт и слава, кои за луѓето, според мерилата од овој свет, изгледаат многу значајни, за него сето тоа се претвора во отпад и тој непоколебливо тргнува во домот Господов. Дека тоа навистина е така ни се потврдило многупати низ историјата, вклучително и со некои од најмоќните луѓе на овој свет… Еве, на пример, царот Давид, кој имал сè во царскиот дом: и власт, и војска, и слуги, и секакви материјални богатства и удопства – го сметал тоа за ништо и посакувал што повеќе време да поминува во општење со Бога, во ерусалимскиот храм. Затоа и напишал во своите псалми: јас ќе престојувам во домот Господов многу дни (Псалм 22,6). Тој тоа и на дело го правел: оставал сè земно и живеел во храмот Господов, дружејќи се со Господа. Тоа било единственото нешто што вистински го радувало…

Така, сега знам дека многу од нашите родители, слава Му на Бога, веќе нè разбираат зошто сме избрале да живееме во домовите Господови. Оти, да се изразам повторно со зборовите Давидови, многу се мили Твоите живеалишта, Господи на силите! Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог (Псалм 90,1-2). Впрочем, многупати е кажано дека Господ не живее во ракотворни градби или одредени места, туку најомилено престојувалиште му се нашите срца, но, сепак, славата Божја е особено видлива во православните храмови, каде непрестајно и на правилен начин се слави името Божјо.

Живописот на централната купола во храмот

Уште еднаш ќе ја искажам својата огромна радост што се собравме заедно денес, та да се закити со монаси и верници и овој прекрасен храм, изграден со голема љубов од нашите предци. Ова чудесно здание зборува за нашата мината слава. Сега, пак, гледам и неизмерно Му благодарам на Бога што Он одново како да ја воскреснува таа слава. Истовремено нè потсетува на некогашното благочестие, но и ни најавува повторна преродба. А духовното обновување и преродба започнува токму со покајанието. Затоа, најпрво треба да го послушаме гласот на Свети Јован со кој нè повикува да Го следиме Јагнето Божјо; да ни се отворат внатрешните очи, па да можеме да седнеме во слава, на вечната духовна трпеза со Него. Предвкус, пак, на таа Божествена вечера во Царството небесно е оваа Светла седмица, кога секојдневно на Светата Литургија се причестуваме со Светите Тело и Крв Христови, и ни се дава со духовниот поглед да наѕреме отаде, во непоимливите Божји убавини и величија. На тој начин, преку благодатта на Светиот Дух, и ние духовно се издигнуваме и растеме…

Накрај, ви благодарам на сите вас што дојдовте денес тука, иако е работен ден и повеќето од вас имате обврски и задолжение. Особено ми стана драго кога од сестра Харитина и другите сестри разбрав дека кичевчани се подготвени да направат сè за оваа голема наша Светиња, па дури и да ги напуштат за кратко своите работни обврски за да присуствуваат на светото богослужение. Бог да ве благослови за таа ваша ревност, и да ни го чува овој свет и многу значаен Манастир, та да не престане никогаш да светли со Евангелската светлина и да биде место на повик кон Христа за многу души! Да ни го чува, исто така, и православието во градот Кичево до Второто Христово пришествие! Многу ве замолувам да се молите особено за сестрите овде, да напредуваат во подвигот на љубовта кон Бога и ближните, и мажествено да ги надминуваат искушенијата со кои се соочуваат. Вчера разговарав со една сестра, која, меѓу другото, ми рече: „Отец, морам да Ви кажам дека многу ми недостасува Рајчица, Свети Георгиј, сестрите…“ А јас ѝ одговорив: „Немој да се грижиш, секој манастир е дом Господов и сите ние постојано сме заедно меѓу себе во Христа“. И, еве, денес преку Евангелието тоа и ни се откри: дека не е важно каде сме, туку дали сме со Христа. Со Него ни е најубаво. Господ вас ве повикал во овој навистина преубав и свет Манастир на Пречистата Богородица, така што треба ревносно и со страв Божји да Му служите до крајот на животот. Нека оваа Богородична светиња ви биде вашата скала кон небесата.

Да сте живи и здрави сите! Христос воскресе!“

Вчерашното воскресно радование го заокружи молитвената пасхална литија со чудотворната икона на Пресвета Богородица до месноста „Господинец“, каде што, според преданието, со маченички венец се овенчале Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј; по извршувањето на пасхалниот водосвет, литијата го благослови и стопанскиот дел на Манастирот каде се чуваа добитокот, после што се врати назад во храмот, завршувајќи со воскресното поздравување на верните. Во продолжение, сестрите со Авраамово гостољубие имаа подготвено трпеза за сите присутни.

Христос воскресе!