Бигорската нова страна

Почитувани наши читатели,

Во Светата и Велика недела Пасха, Велигден, се облече во ново руво нашата интернет страница. bigorski.mk не претрпe само надворешни или дизајнерски промени, како што веќе можете да забележите, туку претрпе и доста функционални промени.

Тоа што главно го воведовме како новитет е, најпрвин, самото мени. Категориите се со нов редослед и се распределени во логични целини. Така, категоријата Манастир е своевидна презентација, каде можете да ги најдете сите информации што се однесуваат на Бигорскиот Манастир, неговата историја, архитектура, светињи, биографии на Митрополитот и Игуменот, потоа имотите и црквите кои му принадлежат на Манастирот, како и повеќе текстови кои се осврнуваат на животот и мисијата на братството. Во истата категорија се наоѓа и категоријата Магерница, каде се откриени магиите на манастирските готвачи.

Од друга страна, Новости не е само категорија, туку засебна страница, каде што, покрај вестите, ќе може да го прегледувате сѐ она што е новообјавено во другите категории на нашиот сајт. Во овој оддел се јавуваат поткатегориите Богослужби, Настани, Соопштенија, Вести од светот и Медиумите за нас.

Духовна ризница е местото каде што можете да ги најдете сите душеполезни текстови, распределени според нивната природа во следниве поткатегории: Катехизис, Христијанска етика, Ставови, Поучни слова и Историски теми. Детско катче ги содржи сите содржини кои се однесуваат на најмладите христијани. Во поткатегоријата Книги за симнување ќе бидат сместени во ПДФ формат и подготвени за печатење, манастирските изданија, житија, молитви, богослужби и слични текстови.

Во посебна категорија се ставени Каталозите на особените манастирски ракоделија: рачно изработени архиерејски митри, од сестрите во метохот Рајчица, и зографисани икони во традиционален, византиски стил, со природни пигменти.

Сега страницата ви нуди полесна навигација низ своите содржини, прикажува поврзани вести при прегледувањето на конкретна вест, додека галеријата на фотографии е видлива преку целиот екран, а и самите фотографии се со поголема резолуција. Од технички аспект, сајтот е прилагодлив на различни видови на екрани, како на десктоп компјутери, така и на мобилни уреди, смартфони и таблети. Покрај старите, веќе познати домени bigorski.mk и bigorski.org.mk, сајтот веќе е достапен и од кириличниот домен бигорски.мкд.

Но, сѐ уште е во тек преносот на информациите од нашиот стар сајт, а се вршат и некои ситни подобрувања во почетниов период, додека се проверува функционалноста.

Во оваа прилика ја искажуваме нашата огромна благодарност за укажаната несебична поддршка и огромна пожртвуваност кон г. Илче Георгиевски, кој го програмира и технички го оспособи новиот сајт, и до г. Ангел Мицевски, кој се погрижи за неговиот прекрасен изглед и естетичност.

Од вас, пак, драги читатели, бараме прошка за сите технички пречки и недостатоци во почетниот период на функционирање на новиот сајт, додека работиме на нивно подобрување. За сите проблеми кои би ги воочиле, ве поттикнуваме да ни пишете и да ги изложите своите забелешки и предлози.

Најсрдечно,                                                  
Братството на Свештената Бигорска Обител