Четврт Акатист

Нема послатка духовна наслада за срцата на Христијаните во време на Великата Четириесетница од радосните поздрави кон Пречистата Богородица. Особено тоа важи за монашките синовски срца, бидејќи, како што вели еден светогорски Старец, „нашата Богородица, Мајката наша, е најомилената личност на сите монаси. Без неа монахот не би можел да направи макар и еден чекор во духовниот негов живот; не би можел да прошепоти ни Господи, Исусе Христе, ниту, пак, да го научи неговото значење. Со помошта на Пресветата сето тоа станува дејствително доживување на секој човек, пред сѐ, сепак, на Црквата, која е поавтентична, посигурна, повистинита од нас“.

А нашиот Старец, Архимандрит Партениј, глаголејќи во една прилика за Царицата небесна, за Царицата на ангелскиот свет, се изрази вака: „Во Личноста на Пресвета Богородица, Бог ни подарил една таква чудесна и најголема Мајка. Мајка преку Која ние добивме посиновение, станавме синови Божји, се соединивме со Бога, примивме обожение. Оти, со тоа што Преблагословената Го прими во Себе Богочовекот Христос, Го собра Несместливиот во утробата, и во Своето битие, на несфатлив начин, ги соедини целото Божество и целата смртна природа. Затоа, имајќи ги истовремено целиот Бог и целата човечка природа, може, од една страна, нас да нè подари на Бога и да нè соедини со Него, а од друга, да ни Го подари Бог нам. Ете, таква е Мајката Божја, Мајката наша. Од Својата трета година од животот Таа влегла во Светињата на Светињите во Ерусалимскиот храм, пребивајќи во непрестајна молитва и општење со Бога. Сега самата е Светиња на Светињите и Го носи Бога во душите наши. Го придобила Бог за сите нас. Не барала ништо друго во својот живот освен Христа, така што сега има неограничена слобода да ги утешува нашите обременети од гревот срца, да ни помага во нашите проблеми, да ги исполнува желбите на нашата вера. Родена на земјата, повозвишена е од Небото; почива во Својата наднебесна слава, но останува темел на земјата, темел на нашиот живот“ .

И токму со тоа созерцателно настроение ни ја прочита тој денес четвртата, последна статија од Богородичниот Акатист, како најава за големите и свети денови што полека ни доаѓаат.
Премилостивата Богородителка, пак, не изостави ни овој пат да ги погали нашите срца со нејзината безмерна добрина и кротост.

Нејзините молитви нека бидат со сите нас!