Четврта недела од Великиот Пост: Јовановата Лествица на духовното искачување

Постот и молитвата: две основни средства за подвизување! Постот е подвиг кој има за цел да ги надмине слабостите и несовршенството кај човекот што се подвизува. Молитвата, пак, е непрестаен дијалог со благодатта Божја, која тоа надминување го прави возможно. Така, постот и молитвата претставуваат две благодатни дејства, кои го прават реално чудото на преобразбата на стариот човек во нов, односно во ново создание. Се чини дека, единствениот човек кој е способен да води дијалог со демонизмот што ги измачува луѓето од нашата епоха, е оној кој ги практикува овие две основни благодатни дејства.

 

(Јован Корнаракис)

Окрилени со силата на крстот, го продолжуваме своето искачување низ посните предели, до врвот каде што нѐ очекува радоста на Воскресението Христово и совршенството на Неговата божествена љубов. Токму затоа, Црквата, во оваа недела ни го предлага споменот и личноста на Светиот Јован Лествичник, како пример за тоа како благодатта Божја може обичниот човек да го претвори светилник на светот. Учејќи се од неговиот пример нѐ обзема радост и сѐ поголема надеж, за тоа дека Бог може со Својата сила и нас да нѐ направи садови на Својата слава. Затоа, во овој пост да започнеме да ги искачуваме тие небесни скалила што ни ги предлага Јовановата Лествица, како пат кон христијанското совршенство. Чекорејќи по овој пат што ни го покажа Светиот Јован Лествичник, ќе видиме дека во неговата личност имаме непогрешлив раководител, кој со своите татковски совети нѐ чува неповредени од секаква демонска сплетка и ни ја претставува духовната борба која пренесува од земното кон Светињата над Светињите и завршува во прегратките на Божјата љубов. Почеток на оваа борба е откажувањето од земното, а крајот Бог на љубовта.

Со голема љубов спомнувајќи си за овој славен духовен атлет, кој толку силно Го возљуби Бога и кој со својата духовна лествица ни го покажува патот кон совршенството на љубовта во Царството Небесно, браќата и сестрите од нашите свети Обители и бројните присутни верни, благодарно ги упатија своите прозби кон Светиот Јован, молејќи го, не само со своите поуки, туку и со своите молитви, да ни помогне и нам, и на сите кои Го љубат Бога, ревносно да се искачеме, по тие 30 скалила на моралната Лествица, каде што ќе можеме да се удостоиме да го примиме дарот на Крстот христов и Воскресението Негово.