Молитвен принос за упокоените

Верни, правејќи денес помен на сите упокоени од века, по име, да Го воспееме нашиот Господ и Спасител, барајќи прилежно за нив да дадат добар одговор во часот на судот, на Самиот Тој наш Бог, Кој ѝ суди на сета земја, та да добијат награда да бидат од Неговата десна страна во радоста, со праведните и светиите, во наследството на светлината, и да бидат достојни за Неговото Царство небесно.

 (Стихира на Господи повикав)

Црквата, тоа мирно пристаниште кон кое притекнуваат оние што бараат одмор од постојаните житејски бури, денес, правејќи помен за сите од века благочестиво починати, упатува топли молитви кон милостивиот наш Творец, та Он да ги прими од Својата десна страна и да ги успокои нивните души, во просторот „каде што нема болка, ни тага, ни воздишка, но живот бесконечен“. Навистина со смртта животот на човекот не завршува и душата негова продолжува да постои во духовниот свет, чувствувајќи ги за неа принесените молитви и расположенија од живите. Оти општењето помеѓу нас кои сме на земјата и душите на тие што преминале, не престанува, туку суштествува сѐ до сеопштото Воскресение.

Но, Црквата денес и нас умилно нѐ потсетува дека треба особено многу да се трудиме околу спасението на своите души, зашто на крајот од нашиот живот не ќе остане ништо друго, освен делата кои ќе сведочат за квалитетот на годините поминати во телото. Затоа да се трудиме во доброто, полагајќи ја својата надеж во милостивиот Бог, дека во мигот на смртниот час и ние ќе преминеме во место мирно, блажено, место на спокој од сите земни грижи.

И ете, браќата и сестрите на Бигорската, Рајчичката и Пречистанската Обител, заедно со својот Старец, Архимандрит Партениј, денес, во оваа умилителна месопусна сабота, упатија смирени молитви за блажено упокојување на вечно живите души, кои го напуштија овој свет со вера и надеж во милоста Божја, во воскресение за живот вечен. Видно трогнати од длабочината на прекрасната богослужба, тие заедно со присутните воскликнуваа: „Со Светиите упокој ги, Христе, душите на Твоите раби“.