Собир на пчелари во Рајчица

Св. Харалампиј

Во контекст на воспоставената годишна традиција на пчеларските здруженија во Македонија за меѓусебно дружење и размена на искуства, свештената обител на св. Георгиј Победоносец во Рајчица ја прифати иницијативата на претседателот на Сојузот, г-дин Менде Трајковски, оваа година собирот да се одржи во манастирскиот пчеларник на Обителта. На покана на сестринството, во неделата на 23. 02 2020 лето Господово, кога се слави споменот на св. Харалампиј, во манастирот пристигнаа повеќе од стотина пчелари од целата земја, кои ги претставија своите искуства и сознанија стекнати во ова благородно и од Бога благословено занимање. Воедно претседателот ја искористи оваа можност собирот да го посвети на 1000-годишниот јубилеј од основањето на Бигорскиот манастир, а беше извршено и осветување на пчеларникот, при што сите учесници добија од осветената вода за благослов на своите пчеларници и икона во спомен на настанот. По кратката прошетка и запознавањето со манастирските убавини, пред пчеларите се обрати и нашата драга и насекаде позната баба Рада, која ја напомена важноста од правилниот наш однос кон околината како и несогледивите последици не само врз пчелите, туку и врз природата и животот воопшто, кои произлегуваат од човечката несовесност. Покрај неа кратко излагање имаше и претседателот, Менде Трајковски, и пчеларите Блаже Петрески и Горан Митевски. Со оглед на тоа дека пчеларското занимање на монашкото сестринство е релативно ново послушание, некои од учесниците најсрдечно ја понудија својата соработка за поткрепа и зголемување на пчелните семејства во Рајчица.