Поклонение во православна Грција

Во организација на монашкото сестринство на Свештената Пречистанска Обител кај Кичево, изминатиов викенд беше спроведено едно прекрасно поклоничко патување за младите од с. Вранештица, Кичевско. Имено, триесетина млади души, во најголем дел од ова славно наше село, придружени од монаси од бигорското братство и сестри од Пречистанското сестринство, имаа можност да се поклонат на повеќе христијански светињи во православна Грција. Ова поклонение им беше приредено во знак на благодарност за нивната пожртвувана љубов за нашите манастири, како и за нивната ревност за христијанската вера.

Најнапред, поклоничката група беше удостоена со Евангелското гостољубие на сестрите од Манастирот на Свети Јован Крстител во с. Акритохори, Серско, каде го почувствуваа благолепието на домот Божји. Оттука, поклониците заминаа во Свештеното Тихувалиште на Свети Јован Богослов, во Суроти, каде што се наоѓа дел од моштите на Преподобниот Арсениј Кападокиски, но и гробот на Преподобниот и севозљубен Старец од наше време, Паисиј Светогорец. Малото парче земја што го покрива сечесното тело на овој рамноапостолен Отец на Црквата, прерасна во едно од најпосетуваните светилишта во христијанскиот свет, каде, по молитвеното застапништво на Преподобниот, се случуваат многубројни чудеса.

Истиот ден попладнето, за младите вранештичани беше приготвено едно прекрасно изненадување – средба со нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и заедничко поклонение во храмот на Премудроста Божја во Солун, Света Софија, каде што се чуваат моштите на Светиот отец наш Василиј Архиепископ Солунски. Средбата со Старецот за младите беше вистинско духовно веселие и радост. Веднаш потоа, нашата група се поклони и во Манастирот на Света Теодора Солунска, каде присуствуваше на воскресната вечерна Богослужба. Во овој Манастир, освен моштите на Св. Теодора, се пазат моштите и на Преподобниот Давид Солунски.

Следниот ден, во неделата, поклониците молитвено учествуваа на Светата архиерејска Литургија во соборниот солунски храм на славниот Христов Великомаченик, Свети Димитриј Солунски Мироточив. Тие воедно се поклонија на неговите чудотворни мошти, како и на моштите на Светата Маченица Анисија и на Светиот Георгиј Карслидис, коишто се чуваат во истиот храм.

За крај, поклониците се наполнија со благодат од моштите на проповедникот на благодатта, Свети Григориј Палама, коишто почиваат во неговиот истоимен велелепен храм крај Белото Море.

Молитвите на сите Светии нека бидат со душите на овие благочестиви млади души од Вранештица!