Пасхален блесок во Рајчица

Денес пасхалната вест за Воскреснатиот одекна со нова сила во домот на Победоносецот во Рајчица и ја преумножи радоста на нашето монашко сестринство. Особено што голем причинител на таа радост беше присуството на возљубениот наш старец и владика, г. Партениј кој раководеше со денешното литургиско таинство. Во празничното ликување им се придружија и бројните гости поклоници, дојдени од повеќе места за да земат удел во незамолчливиот восклик на сета твар пред лицето на својот воскреснат Господ, и одново да се нахранат од рајската храна на небесната благодат што деновиве слободно се излева од светиот Путир. Рајчица блесна со ново пасхално руво исткаено од сјајното цветно белило и уште посјајните насмевки на сестрите и присутните верници во храмот. Сѐ наоколу ја сведочеше славата на Оној Кој Воскресна и нас нѐ совоскресна со себе за вечноста во Своето Царство.

Воскреснат наш Спасителу, преисполни ги нашите срца со неизмерна милина и утврди нѐ во љубовта, за оваа радост уште долго да трае во нас и на сите да им ја сведочи вистината за Твојата блескава победа.

Христос Воскресна!