Светска премиера на документарен филм за Вселенскиот Патријарх

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. Триесет години служба“

документарен филм

Во изминатата сабота, 18 декември, во киното Олимпион во Солун, се одржа првата светска премиера на документарниот филм „Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. Триесет години служба“.

Проекцијата на филмот, која се оствари со поддршка на Солунскиот филмски фестивал, се вбројува во серијата почесни манифестации кои имаат за цел да го претстават повеќестраното дело на Вселенскиот Патријарх, Неговата Сесветост г. г. Вартоломеј Ι, по повод навршувањето на триесет години од неговото патријархување, како и улогата на Вселенскиот Патријарх во современиот свет. Домументарецот е реализиран од страна на Теолошкиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун и од Патријаршиската установа за Отечки истражувања.

За успешната реализација на филмот најмногу се погрижија о. Јоанис Хрисавгис, архиѓакон на Вселеснкиот патријаршиски престол, заедно со раководителот на Патријаршиската установа за Отечки истражувања и претседател на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, г-ѓа Флора Карајани.

На првата светска проекција присуствуваше и нашиот Старец, Епископот г. Партениј, на покана на Претседателот на Патријаршиската установа за Отечки истражувања и иницијатор за снимање на филмот, Неговото Преосвештенство Епископот Аморејски г. Никифор, Игумен на Патријаршискиот манастир на Влатадите во Солун.

На промоцијата присустуваа многу видни личности од црковниот, политичкиот, научниот и општествениот живот во Солун и пошироко.

Документарниот филм за Патријархот Вартоломеј се состои од сведоштва на многу значајни личности од меѓународната политика, на црковни и религиски светски водачи, како и на автобиографско интервју на самиот Патријарх.

„Накратко, во педесет минути, документарецот се обидува да го допре, макар и со врвот на прстите, животниот тек на Вселенскиот Патријарх во неговото триесетгодишно архиерејство на Константинополскиот престол“, изјави деканот на Теолошкиот факултет, г. Хризостом Стамулис.