Заврши четвртиот летен камп по Веронаука во Рајчица

Последниве неколку дена, гости во монашката Обител на Светиот Георгиј Победоносец беа дваесетина девојчиња од Радовиш, Битола, Прилеп и Охрид. Во текот на петдневниот престој, тие имаа прекрасна и за нив многу корисна можност, освен предвидената едукативна програма, да се запознаат и со монашкото секојдневие, учествувајќи во разните послушанија на нашето сестринство. Поучните и длабоки разговори за христијанската етика и однесување, расветлувањето на историските прилики и најважните настани во врска со Охридската Архиепископија, и од нив инспирираните чудесно убави уметнички дела, беа само дел од целиот мозаик, со право наречен „Школа на љубовта“, која веруваме дека остави силен впечаток во нивните души.

Овие прекрасни млади девојки не пропуштија и да му се заблагодарат на нашиот Старец, Архимандритот Партениј, за укажаното гостољубие и грижа:

Ангела Иванова, 13 години, Радовиш: „Драг отец Партениј! Ви благодарам што дозволивте да престојуваме, да се дружиме, да јадеме и секојдневно да учиме нови нешта во вашиот манастир. Во овие пет дена јас научив многу и запознав многу девојчиња кои ми станаа блиски другарки. Им се заблагодарувам и на сестрите кои нè чуваа и се надевам дека и следната година ќе дојдам пак“.

Михаела Јончевска, 13 години, Битола: „Најголем впечаток ми остави самиот манастир, кој зрачи со љубов и позитивна енергија. Местото е како рај на земјата. Токму мирно, толку исполнето со љубов и вера. За сестрите… немам доволно зборови за да ги опишам. Само што ќе ги видиш, веднаш стекнуваш силно чувство дека секогаш можеш да им веруваш и да се потпреш на нив. Толку се мили, полни со љубов, едноставно не можеш, а да не ги сакаш. Никогаш нема да го заборавам ова место и ќе се трудам што почесто да доаѓам“.

Ангела Јончевска, 10 години, Битола: „Беше недела кога тргнавме на многу долг пат и стигнавме на едно прекрасно и свето место по име Рајчица. Таму се запознав со многу сестри и забележав дека тие се најдобрите луѓе со кои ги поминував овие пет дена, а меѓу нив имаше и такви кои многу ме засмејуваа. Овде мојата љубов кон Исуса Христа стана уште поголема и видов, односно дознав, колку Тој се жртвувал за Својот народ и за сите нас. Ви благодарам на сите“.