Ерусалим: Торжествена прослава во чест на чудотворната икона на Богородица „Одигитрија“

Иако празникот на Света Марија Магдалина е престолен празник на Гетсиманскиот манастир посветен на оваа рамноапостолна светителка, прославата на Богородичниот празник, посветен на чудотворната икона „Одигитрија“ што се чува овде, е со торжество еднакво на манастирската главна слава.

Оваа година, Обителта посветена на Света Марија Магдалина во Ерусалим беше место каде се собра големо мноштво народ, кое заеднички го прослави овој празник на иконата „Одигитрија“, која во манастирот се чува веќе 87 години.

Имено, според историските податоци, оваа икона доаѓа во манастирот на Света Марија Магдалина во 1930 година од Либан. Преданието вели дека таа му припаѓала на Либанскиот митрополит Илија, кој три пати имал видение во кои разговарал со Светите Великомаченички Варвара и Екатерина. Првпат тој го занемарил видението, но потоа и по вторпат му се јавиле и му кажале да ја однеси чудотворната икона „Одигитрија“ во Ерусалимскиот манастир на Света Марија Магдалина и да ја предаде на игуменијата Марија. Тогаш тој решил да однесе друга, помала икона исто така „Одигитрија“, која ја чувал при себе. Но, како резултат на неговата одлука, повторно, односно по третпат му се јавуваат Великомаченичките, велејќи му: „Уште не си ја исполнил желбата на Небесната Царица, таа сака на игуменијата Марија да ѝ ја предадеш токму чудотворната Богородична икона ’Одигитрија‘“.

На манастирската прослава присуствуваа голем број на верници, како од Ерусалим така и други земји.

За Бигорски манастир од Ерусалим: Латина Стаменкова