Крај на расколот: Вселенската Патријаршија ги објави одлуките за украинското прашање

Извор:

 

Како што напишавме пред малку, Вселенската Патријаршија ги помилува и ги врати во канонски ред двете досега неканонски јерархии во Украина, на митрополит Филарет и архиепископ Макариј. Штотуку беше објавена одлуката на Светиот и Свештен Синод, која гласи:

„Светиот и Свештен Синод, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, заседаваше на редовно заседание во деновите од 9 до 11 октомври 2018 година. Во текот на заседанијата, се испитаа и разговараа прашањата содржани во дневниот ред.

Свештеното тело особено и долго се занимаваше со црковното прашање во Украина, во присуство на Егзарсите испратени во Украина, односно Високопреосвештениот Архиепископ Памфилски г. Даниил и Преосвештениот Епископ Едмонтонски г. Иларион, и по опсежните дискусии, одлучи:

  1. Да ја обнови веќе донесената одлука, Вселенската Патријаршија да продолжи кон доделување автокефалија на Украинската Црква.
  2. Веднаш да го воспостави Ставропигијалниот Манастир на Вселенскиот Патријарх во Киев, еден од многуте негови ставропигии низ Украина во минатите векови.
  3. Според канонските привилегии на Константинополскиот Патријарх, да ги прима апелациските жалби на архиереите и на останатите клирици од сите автокефални Цркви, да ги прими соодветните жалби на Филарет Денисенко и на Макариј Малетич и на оние со нив, кои се беа нашле во раскол не поради догматски причини, и да ги врати во архиерејски или свештенички чин, а нивните верници во црковно општење.
  4. Да ја укине важноста на Синодалното Писмо од 1686 година, издадено според тогашните околности, со кое се дава, по икономија, правото на Московскиот Патријарх да го ракополага секој Киевски Митрополит, избран од црковно-народниот собор на неговата епархија и должен да го спомнува „најнапред“ името на Вселенскиот Патријарх, како показател на канонската зависност.
  5. Да ги повика сите вмешани страни, да избегнуваат окупирање на храмови, манастири и останат имот, како и да се воздржуваат од секое насилно дело или полагање права, заради владеење на мирот и љубовта Христова.

Во Патријаршијата, 11 октомври 2018

Од Секретаријатот
на Светиот и Свештен Синод“