Патријарх Вартоломеј:Сите деца заслужуваат да бидат одгледани во една вистинска „ветена земја“

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј ја изрази својата длабока болка за трагичните настани кои земаат замав во Израел и доведоа до загуба на многу човечки животи, за што одговорност носат членовите на Хамас.

„Ние сме длабоко нажалени од вестите што доаѓаат од страдалниот Блиски Исток. Тагуваме за животите однесени за време на последните трагични собитија. Нека Божјата прегратка ги утеши ожалостените семејства.


Нашите мисли и молитви сега се особено со цивилите, кои преживуваат тешки моменти на маки, тероризирани од злокобниот звук на сирените и од непосредната опасност од бомбардирање, а најмногу, пак, со сите невини деца, коишто заслужуваат да бидат одгледани во една вистинска ‘ветена земја’ на мир и просперитет“.

© Nikos Papachristou / Ecumenical Patriarchate
© Nikos Papachristou / Ecumenical Patriarchate


Среде гневот и уривањето, среде злото и горчината, луѓето лесно биваат наведени да мислат и дејствуваат насилно. Иако мнозина сметаат дека насилството е неопходно средство за разрешување на спорови, ние никогаш не можеме да гледаме на него како на дел од Божјото добротворење, ниту некогаш би можеле да го одобриме користењето на насилство како средство за стекнување мир. Наместо тоа, треба да се свртиме наназад кон ‘доброто’ што Бог најпрво го создаде, и кон совршениот мир,  што Он би сакал да го последуваме, кажувајќи ни заедно со Псалмопеецот: ‘Отклони се од злото и прави добро; Барајте мир и следете го’ (Пс.34:14). Освен тоа стремежот за мир не е само Божја заповед, туку и универзална вредност и суштествена претпоставка за почитување и заштита на човечкото достоинство. “