Недела на Страшниот Христов суд

Во својата пракса за духовна подготовка на душите на верните пред почетокот на Чесниот пост, Црквата Божја, меѓу другото, ни припомнува и за Второто, славно Христово доаѓање на земјата и за Неговиот последен, неподмитлив суд на секоја душа човечка.

Првиот пат Христос не дошол со бучна и видлива за секого слава, туку тивко, ненаметливо, во крајно смирение. Никому не го наметнал со сила Своето спасително учење, туку со најголема љубов повикал: „Кој сака, нека врви по Мене“. Меѓутоа, при Второто пришествие, Он ќе се покаже не во вид на слуга и на непознат, ами во сето Свое Божествено величие, опкружен од сите сили небесни, и никој нема да праша: „Кој е Овој?“ – бидејќи сите ќе Го видат и познаат. И тогаш од секое човечко суштество ќе биде побарана одговорност, како од разумно битие, од образ Божји. Судот Негов ќе биде жртвената Му љубов на Крстот; ќе биде прашан секого од нас: сме го понеле ли дејствително крстот на покајанието, смирението и на љубовта кон ближните, или, пак, безумно сме го отфрлиле…

Токму на тој последен печат на Божествената љубов нѐ потсетија покајничките стихири и молитвословија на вчерашното бдение и Светата Литургија, во спомен на Второто и последното Христово доаѓање. За неговото величие, пак, и убавина, но и трепет и одговорност, ја предлагаме проповедта на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, за оваа подготвителна недела пред почетокот на Великиот пост:

„Минатата недела, мили мои, Црквата, преку параболата за Блудниот син, ни напомна за огромното Божјо милосрдие, за Божјата неизмерна и безусловна љубов и простување. Денес, пак, ни се даде можност, повторно преку зборовите на Самиот наш Спасител, Господ Исус Христос, да погледнеме низ завесата на времето, во таинственото предвестување за крајот на светот, за Христовото страшно и славно доаѓање, како и за Судот што ќе стане (Матеј 25,31-46).

На самиот есхатон, на самиот крај од времето, Господ повторно ќе дојде на земјата, но овој пат во сета Своја слава и величие, и ќе седне на престолот Свој како Цар и Судија, да суди секому според делата негови. Со оваа потресна иконографска претстава од зборови, Господ сака да ни укаже дека колку што е милостив, толку е и справедлив. Но што значи тоа справедлив? Дали Божјата правда би можеле да ја изедначиме со човечката правда? Ете, ние луѓето на земјата многупати бараме некаква правда и сакаме насекаде таа да се спроведува. Што би рекле: гладни сме за правда, ама човечка правда. Меѓутоа, честопати се покажува дека човечката правда, всушност, е една голема неправда. Односно, ние вообичаено бараме правда само тогаш кога самите сме онеправдани, и на секој начин посакуваме да го стигне зло оној којшто нас нè онеправдал. А кога ние самите онеправдуваме – е тогаш гледаме некако да ја сокриеме правдата. Но што вели Господ? Оние вистински онеправданите, коишто овде на земјата трпат многу беди и злочестие, и се жедни не за човечка, туку за Божествена правда, на крајот ќе бидат наситени: Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат (Матеј 5,6). А ќе се наситат токму на овој Божји праведен суд. Ги слушнавме пред малку Господовите зборови: сите луѓе од почетокот на времето па до денес ќе воскреснат – за Бога сè е можно – значи ќе воскреснат со нивните тела, и тогаш Он ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите, и ќе го започне Својот суд.

Но, еве, гледате, дури и на праведниот Суд Божји доаѓа до израз и преовладува огромната милост Негова. Јасно се покажува дека правдата Божја е всушност милоста Негова, дека Он суди не според некаков таксативен закон за отплата поради гревовите, туку според милоста Своја, која се јавува како главен критериум за Неговата конечна пресуда. Страшниот Суд е прикажан како торжество на љубовта, а не на одмаздувањето и казната. Гледаме дека Бог не ги создал луѓето за судско наказание, туку за да го наследат Царството Негово, заедницата со Него. Затоа и им вели на тие од десната страна: Елате, благословени од Мојот Отец… Иако поканата е од Царот лично, сепак Он се обраќа со зборовите: Елате, благословени од Мојот Отец…, го нагласува Својот Отец за да ни покаже дека ние примивме посиновение од Бога Отецот преку Исуса Христа, дека сите ние сме Христови браќа (в. Гал. 4,4-7). И следните зборови ја откриваат сета Негова огромна милост, љубов и возвишена промисла за нас луѓето; откриваат дека Он создал Царство за сите луѓе што ќе го прифатат. Па вели: наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот. Значи, Бог го создал човекот да живее во постојана заедница со Него и да биде Негов сопричесник и сожител. А кои се тие што ќе застанат од десната страна на Бога? Како што рековме, тие кои Го прифатиле, кои Го негувале Христос во себе. Оној Христос, Кој ни се дава на Крштението, бидејќи секој Христијанин што се крштева, се облекува во Христа, како што вели Св. Ап. Павле: Сите што во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал. 3,27) Така, Христос е Оној, Кој треба да живее во нас, да си има дом во нашето срце. Како би Го негувале во себе Оној, Кој со Својата Семоќна рака го пази нашиот живот и секојдневно нè храни со Своите добра? Со што би можеле да Го нахраниме Хранителот наш? Денешниот евангелски расказ отворено ни покажа дека Негова единствена храна е нашата љубов кон Него, пројавена преку љубовта и милосрдието кон ближните. Само така би можеле ние, недостојните, да Го негуваме Христос во нас, да го чуваме Божествениот оган во нас и да не изгориме, и само тогаш би можеле да кажеме дека Он живее во нас, а не ние самите. Како што кажа и Апостол Павле: И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал. 2,20). Човекот којшто на ваков начин Го негува Христос во себе, изобилува со милосрдни дела, преисполнет е со љубов, ги има даровите на Духот, и за таквиот, гледате и самите, накрај ќе нема суд, против такви нема закон (Гал. 5,23). Оти на овие, милосрдните и смирени луѓе, на крајот Господ ќе им рече: „гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте; странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене…“ А тие, пак, во својата простодушност и смирение, ќе Го прашаат: „Кога, Господи, го направивме сето тоа?“ Такви се секогаш смирените и христоподобни луѓе, тоа е одлика на сите праведници. Тие никогаш не сакаат да се фалат со своите дела, и тоа им е сосема природно, едноставно така чувствуваат. Впрочем, тие не ни мислат дека имаат некакви добри дела, туку знаат дека секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината… (Јак. 1,17) преку Синот и Словото Божјо. А тоа е затоа што Му оставиле на Христос простор во нивните срца. Ете, таков е вистинскиот Христијанин. Некој кој Му оставил простор на Христос во своето срце, а со тоа оставил простор за Неговата безгранична љубов, за Неговото безгранично милосрдие. Да имаше повеќе такви вистински Христијани денес, светот уште тука ќе се претвореше во рај. Но, за жал, не сите се такви. На Судот ќе има и некои што ќе застанат од левата страна на Господа и Он ќе им рече: „гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте…“ И веднаш следува оправдување од луѓето кои Го заборавиле Христос, кои Го убиле Христос во себе, кои секогаш во својата околина се гледале само себеси, своето его, а ближните и пријателите ги гледале само како средства за постигнување на своите егоистични намери, односно како начин да стигнат до посакуваната цел, па макар и крајно да ги злоупотребат. И таквите, гледате, сега самите се оправдуваат, велејќи: „Кога, Христе, кога Господи, Те видовме во затвор, или гладен, или жеден, или необлечен…?“ Затоа Он праведно ќе им пресуди, или поскоро ќе им ја искаже пресудата што самите тие, по слободна волја, си ја донеле: Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Со тоа Господ како да сака уште еднаш да ни потврди дека Он не го создал човекот за смрт, ниту за да биде протеран, туку вечно да живее со Него и да пребива постојано во Неговата заедницата на љубовта, бидејќи не вели дека вечниот оган бил приготвен за човекот, ами за ѓаволот и неговите ангели. Но, овие луѓе, за жал, сами си ја припишале на себе таквата осуда. Истото ќе биде и со нас, доколку постојано Го убиваме Христос во себеси. Ако не љубиме, нема ни да бидеме љубени. Ако не сме милосрдни, нема да бидеме помилувани. Оти во петтото блаженство се вели: Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани (Матеј 5,7). И пак ќе речам, слободно можеме Божјата праведност да ја поистоветиме со Неговата неизмерна милост; оти на крајот на краиштата што бара Господ од нас? Он не бара ниту многу пост, ни некои особени подвизи, иако и тие се од голема полза за нашата душа, бидејќи ни помагаат да ги стекнеме добродетелите. Туку она што Он најмногу го бара од нас е милосрдието, милосрдност кон сите околу нас. Ете колку малку е доволно за и ние да станеме Божји пријатели, за Он на крајот да нè препознае како Свои, како благословени од Неговиот Отец. Затоа, ајде да почнеме од себеси. Да почнеме да Го негуваме Христос во себе, за да можеме да кажеме дека Христос живее во нас. Зашто пред нас е поставен избор и ние сме тие кои одлучуваме: ќе бидеме со Христа или против Него, односно ќе почнеме ли да го живееме уште сега рајот во нас, или, за жал, пеколот.

Денешниот приказ на Судот Божји, исто така ни покажа дека и оние од десната страна на Христа, а и многумина одлево Нему, несомнено Го познавале Бога, бидејќи гледаме дека разговараат со Него, но едните биле само формални Христијани, убијци на Христа во себе и предавници, а другите биле тие, коишто покрај своите многубројни слабости и гревови, сепак се труделе да Го љубат Христа, да Го бараат Христа во себе, и да Му остават простор на Христа во себе. Да Му оставиме и ние простор во нашето внатрешно битие, за да може да нè преобрази. Амин!“