(Видео) Благовести, Земјо, радост голема! Воспејте ја, Небеса, Божјата слава!

Нека се веселат небесата и нека се радува земјата, зашто Совечниот, Собеспочетен, и Сопрестолен Син на Отецот, поради Својата милост и човекољубие, се понижи, по благоволение и совет на Отецот, се всели во девствената утроба, од Духот предочистена. О чудо! Бог доаѓа меѓу луѓето! Неопфатниот – во утроба! Безвремениот – во времето. А она што е уште почудно, тоа е бессеменото зачнување и таинственото, неискажливо понижување. Оти Бог се понижува, се воплотува и се изградува, кога ангелот ѝ го благовести зачнувањето на Чистата, велејќи: Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе, Кој има милост голема.

(Славник на празникот)

Денешниот собор ја отвора устата на верните и прави срцата нивни да произнесат надумни слова и пофалби. Зборови сплетени од боговдахновените Отци, коишто жената ја пофалуваат и нејзината слава со која е крунисана ја истакнуваат. Слава што ѝ се даде преку Онаа Која се удостои Мајка Божја да биде. Денес ликува човештвото, торжествува природата, зашто Дева во својата утроба Несместливиот Го сместува. Оној Кого ниту Небесата да Го опфатат можат, денес одушевениот храм Го опфаќа. Бог се симнува за човештвото да го издигне, Вториот Адам слегува, за во Својот мислен рај да поживее и го утврдува Советот за спасителното помирување. Словото Божјо, преку доброволното послушание на Пречистата ја уништува древната клетва, што змијата заради својата злоба, за да го наруши послушанието, ја беше исфрлила. Бессемено се зачнува Искупителот на човечкиот род и нѐ обновува Животодавецот, животот Свој давајќи ни го. Денес чистото сокровиште на девството нѐ собира и да ја созерцаваме надумната тајна нѐ повикува, зашто соединувањето на двете природи – Божјата и човечката во нејзината девствена утроба се извршува. Големо и несфатливо чудо: Архангелот Гавриил, чиешто име означува „Бог и човек“, ѝ благовести на Чистата Дева за зачнувањето на Бог, Кој сега и Човек станува: Мајката е Дева, за Роденото да не биде човек обичен, за раѓањето чудесно да биде, за по раѓањето Мајката пак Дева да остане.

Колку само умилна љубов низ слаткогласните песнопенија за Неа се излеа, колку молитви Ѝ се принесоа, колку благопожелби од монашките срца за сиот род христијански се искажаа на ноќното бдение во нашите обители! Нѐ прегрна, нѐ ободри, сила ни испрати Царицата на силите Небесни и мирот Христов сега ни го подава, мир што преку Архангелот Гавриил се благовестува. Свештените обители на Светите Јован и Георгиј празнуваат, се радува Пречистанското монашко сестринство кое под нејзиниот мајчински покров се подвизува. „Благовести земјо радост голема, небеса фалете ја Божјата слава“, воскликнува устата на Старецот наш, Архимандрит Партениј и славословат богоукрасените души на родот православен: „Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!“